ОД 9 ДЕКЕМВРИ И ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЌЕ ПЛАЌААТ ПРЕКУ СЕПА Еве преку која банка ќе се реализираат трансакциите
Имајќи предвид дека 80% од вкупните одливни плаќања и 90% од вкупните приливи на државата се во евра, пониските надоместоци директно ќе овозможат поголеми заштеди за државата и за државните органи.
Од 9 декември 2025 година, државата и државните институции ќе можат да плаќаат и да примаат средства во евра, согласно стандардите на СЕПА, во 40 земји кои се опфатени со системот.
Имајќи предвид дека 80% од вкупните одливни плаќања и 90% од вкупните приливи на државата се во евра, пониските надоместоци директно ќе овозможат поголеми заштеди за државата и за државните органи. Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра за плаќање преку кореспондентните банки, плаќањата преку СЕПА ќе чинат 3 евра за електронските налози и 5 евра за хартиените налози, а сите приливи преку СЕПА ќе се наплатуваат 3 евра.
Плаќањето, како што сооопшти Народна банка, ќе се реализира преку НЛБ банка за што е потпишан договор меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Блаж Бродњак и членот на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, Антонио Аргир. Договорот ѝ овозможува на Народната банка да започне со плаќања преку СЕПА.
– Со овој значаен чекор Народната банка, покрај регулаторната и надзорната улога во платежната сфера, ја потврдува и својата оперативна улога во обезбедувањето подобри и поквалитетни услуги за државата и за државните органи во извршувањето на прекуграничните плаќања – изјави Славески.
Според Бродњак, пак, ова претставува значаен чекор кон подлабока интеграција со платниот систем на Европската Унија и ја поддржува пошироката цел за интеграција во ЕУ.
– Оваа пресвртница се надоврзува на нашето неодамнешно воведување на услугата „Епл пеј” (Apple Pay) за сите наши клиенти во ЈИЕ и успешното влегување на „НЛБ банка” Скопјe во шемата на кредитниот трансфер преку СЕПА, дополнително зајакнувајќи ја посветеноста на Групацијата НЛБ за поттикнување на финансискиот развој и иновациите во Северна Македонија – рече тој .
По пристапувањето на нашата земја кон СЕПА, со што за граѓаните и за компаниите веќе се овозможени побрзи, побезбедни и поевтини плаќања во евра, Народната банка како банкар на државата им овозможува и на државните институции да ги користат придобивките од СЕПА. На овој начин, ќе се овозможат значителни заштеди за државата и за државните институции при извршувањето на прекуграничните плаќања во евра со четириесетте земји членки на СЕПА.