ПРВ ПАЦИЕНТ ОД СРБИЈА ЌЕ ДОБИЕ ВАКЦИНА ПРОТИВ РАК Револуционерната терапија болниот ќе ја прима во Русија

Пациент со малиген меланом од Србија пристигна во Москва каде започнува персонализирана „mRNA“ терапија со 10 дози создадени од сопствено туморско ткиво.

418

Првиот пациент од Србија со дијагностициран малиген меланом веќе пристигнал во Москва за да ја прими новоодобрената „mRNA“ вакцина против рак, терапија што се изработува индивидуално за секој пациент.

Професорот д-р Владимир Јаковљевиќ од Факултетот за медицински науки во Крагуевац потврди за Нова.рс дека пациентот ќе започне со терапијата во наредните недели, а целиот процес ќе трае околу пет месеци.






Руското Министерство за здравство пред неколку дена ја одобри персонализираната „mRNA“ вакцина да може бесплатно да се администрира на пациенти. Веднаш по одобрувањето, првиот пациент од Србија е упатен во Москва, ставајќи ја земјата меѓу првите во регионот чиј пациент ја започнува оваа иновативна терапија.

Професорот Јаковљевиќ објаснува дека денеска во Москва започнала дијагностиката на пациентот од Србија.

– Во текот на неделата треба да се земе ткивен материјал од кој ќе се направи вакцината. Станува збор за персонализирана терапија што се прави посебно за секој пациент за тој вид тумор. Овој пациент има малиген меланом и вакцината што се прави за него е само за тој тип на тумор – вели д-р Јаковљевиќ.

Тој додава дека руските научници подолго време работеле на создавање персонализирани терапии за најсмртоносните тумори, рак на бели дробови, бубрези, панкреас и малиген меланом.

– Првпат се сретнав со оваа идеја минатата година кога Александар Гинзбург беше гостин на нашиот факултет. Тој ја спомена иницијативата и потребата да се воспостави соработка – додава Јаковљевиќ.

Како функционира вакцината?

Терапијата започнува по детална дијагностика и земање биопсија од туморот. Процесот на изработка на вакцината трае од три до четири недели.

– Вакцината се прима во период од пет месеци, во 10 дози на секои две недели. Со оваа терапија се стимулира имунолошкиот систем да реагира специфично на туморот – објаснува докторот.

Кандидати за ваквата вакцина се пациенти кои ги исцрпиле сите други можни третмани, вклучително и имунотерапија.

Лабораториска постапка и улога на вештачката интелигенција

– Се зема биопсија, туморот се изложува на телесни течности во лабораториски услови, и се создаваат титар антитела со методи базирани на вештачка интелигенција. Универзитетот Ломоносов е вклучен во овој процес. За околу три недели се постигнува високо ниво на антитела кои потоа му се враќаат на пациентот – појаснува Јаковљевиќ.

Пациентот мора да остане во болница во Москва цели пет месеци додека трае терапијата.

Русија тврди – до 100% успех

Во моментов фокусот е на меланомот, бидејќи за него постои официјално одобрение. Руската страна тврди дека успешноста на вакцината изнесува меѓу 95% и 100%.

– Ќе видиме – додава професорот Јаковљевиќ.

Соработката меѓу Србија и Русија

Професорот Сергеј Бољевиќ, раководител на Одделот за патологија на Универзитетот Сеченов, е еден од главните учесници во проектот.

– Како визитинг-професор работам таму веќе осум и пол години. Нашата соработка е плодна, а бројот на заеднички трудови тоа го докажува. Русите започнаа да работат на пациенти кај кои ова е последна надеж – објаснува Јаковљевиќ.

Поврзани содржини