СТАБИЛНОСТ ПО ВРНЕЖИТЕ Центарот за управување со кризи ги откри деталите за состојбата со водостоите
ЦУК со добра вест: по обилните врнежи реките низ Македонија се стабилни, а теренските екипи продолжуваат со расчистување на критичните точки.
Состојбата со реките низ целата територија на Северна Македонија е под контрола, иако обилните врнежи предизвикаа краткотрајни поплави на неколку места, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Во моментов реките се стабилни, нема излевања што би претставувале ризик за населението. Нашите теренски екипи континуирано ги следат водостоите и интервенираат каде што е потребно – велат од ЦУК.
Во Охрид, поплавени се подруми и дворови во помал обем, но по престанокот на врнежите, состојбата се смирува.
– Нашите екипи работат на расчистување на каналите и коритата за да се спречат дополнителни проблеми – додаваат од ЦУК.
Во останатите градови – Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце, Кратово, Битола, Ресен, Скопје, Струмица, Штип, Велес, Тетово и северозападниот регион – реките се во своите корита, а ситните одрони и помали пречки се отстрануваат од теренските екипи.
– Апелираме до граѓаните да останат внимателни и да ги следат известувањата на ЦУК и локалните служби, особено кај речните корита и низинските делови – истакнуваат од Центарот.