Неопходна реформација на умот
Но, повторно, првата и можеби најболна „реформа“ мора да биде аналитичкото преиспитување на ставот за прифаќањето на онаа и онаква „француска рамка“ со сите „приврзоци“ што таа ни ги сервира. И ќе ни ги сервира! Не на онаков перфидно ступиден начин како што претходната влада го подметна прифаќањето на таа „рамка“ со безобразна Информација од само една страничка текст – за што, всушност, би требало да говори Филипче! – туку со дефинитивна анализа на сите аспекти на прифаќањето и/или одбивањето на таквиот поразителен – или можеби не? – за нас пристапен процес.
Безмалку сите јавни обраќања на „видните“ претставници на македонската „пајтон интелигенција“ започнуваат со прашањето „зошто“. Зошто ова, зошто она, зошто вака а не онака…, небаре досега тие биле хибернирани во некој сдсм ладилник и сега одеднаш се будат – или ги будат! – и гледаат стагнација, замрзнат кадар од филм, токсични односи, некакви психопатологии и неиспорачување на ветеното…
Или, ако сакате, кога „лидеро“ Филипче и неговата подопашна клиентела критикуваат недостаток на реформи, забораваат ли колку години, на пример, имаше тој како министер за здравство да го реформира тој сектор? И што „реформираше“? КОВИД вакцините и модуларната болница во Тетово? И колку години имаше онаа нивна „прогресивна“ сдсм (малите букви се…) за цврст реформски наместо скандалозен коруптивно-криминален курс? И зарем сериозно некој од овие шушумиги смета дека упорното пеење на нивната химна „Бугарите во Устав“ со рефренот „ние не ѝ требаме на Европа, Европа ни треба нам“ и понатаму, после сѐ, има некакви симпатии и ефект кај граѓаните? Па ги видовме тие симпатии и тој ефект на парламентарните, претседателските и локалните избори! Или и тоа им е малку за да разберат и им треба реформација на умот?
Или, кога „лидеро“ некому пришива некакви „контроли“, заборава ли на неговиот ментор и контрол-менаџер, оној кој го намести за министер, па за претседател на „партија“ со дури 18.001 гласа…? И кој редовно „го вози“ на консултативни тури низ Егејот и пошироко? И кои и какви „реформи“ – заради коишто де факто и добија власт! – спроведоа двајцата во оние „незаборавни“ седум години, „реформи“ што и денес ни се удираат од глава? На пример самоволната промена на името на државата, фамозниот, „историски“ Договор со источниот сосед, протоколите и таканаречената „француска рамка“ итн.?
И кога веќе ги спомнувам овие нивни „бисери“, токму тука мора да започне реформскиот процес во Македонија. И да ги „повлече“ сите други. Како што и, на пример, започнатото судење за трагедијата во Кочани мора да биде и старт на реформскиот процес во правосудството. И на нови судења! И не во платите на судиите (коишто ионака се превисоки), како што тие посакуваат, туку продолжување на споредбените анализи на главните насоки во македонското правосудство со земјите членки на унијата (малите букви се…), проследено со карактеристични показатели: број на судии „по глава“ на жител, број на предмети, рокови на завршување на предметите, плати… итн. Поточно, сѐ она за што тие не сакаат да говорат, како ни оние кои толку години ни глумат експерти за реформи во оваа област, во сѐ гледаат притисоци врз судиите и тоа го дошепнуваат до еу а речиси до вчера во нивните редови седеше и најкорумпираниот судија во Македонија!