10.000 ВОЈНИЦИ ГИ ЧУВААТ ПОЛСКИТЕ ПРУГИ ОД САБОТАЖИ На удар е линијата за снабдување на Украина

На терен излегуваат и припадници на Територијалната одбрана, а покрај војниците, околу пругите ќе патролираат и воени дронови и хеликоптери на војската, како и на полицијата.

54

Поради сè поголемата опасност од руски саботажи на критични инфраструктурни објекти во земјите на Европската Унија и две диверзии на пругата Варшава – Лублин, Полска од полноќ, во операцијата „Хоризонт“, испраќа 10.000 војници да ги чуваат пругите, соопштија локалните власти.

Операцијата „Хоризонт“ и вклучувањето на војската во заштита на клучната полска инфраструктура е реакција на владата на премиерот Доналд Туск на двете диверзии на пругата Варшава – Лублин, за кои обвинителството обвини двајца украински државјани, кои според сознанијата од истрагата, биле соработници на руските разузнавачки служби.






– Во Полска имаме многу пруги и физички не е можно сите да бидат заштитени од војската. Мораме да ги дефинираме клучните области за функционирање на државата и за испраќање помош за Украина, изјави генералот Кшиштоф Крул за операцијата „Хоризонт“, во која околу 10.000 војници во обезбедувањето на пругите ќе соработуваат со полицијата и Железничката стража.

На терен излегуваат и припадници на Територијалната одбрана, а покрај војниците околу пругите ќе патролираат и воени дронови и хеликоптери на војската, покрај полициските.

– Војниците ќе бидат на најважните сообраќајни јазли кои се приоритетни. Едноставно мора да бидеме видливи. Тоа што нè гледаат е исто така елемент на таа операција. Нејзината цел е да ги пресретнеме и одвратиме терористите кои се финансирани и добиваат наредби од нашите противници од Истокот, воопшто да не се впуштаат во какви било напади врз нашата инфраструктура, изјави генералот Крул.

Минатиот викенд на пругата Варшава – Лублин, која е клучна и за превоз на западна помош во Украина, на едно место со експлозив беше кренат во воздух дел од шините, додека на друго место, машиновозач во неделата запрел воз со речиси 500 патници затоа што наишол на 60 метри уништени електрични водови.

Двајцата Украинци, едниот веќе осуден во Лавов за диверзија во фабрика за дронови и другиот жител на Донбас кој живее во Белорусија, според сознанијата на полската истрага, влегле во Полска оваа есен пред диверзијата, а веднаш по неа побегнале во Белорусија.

Полскиот премиер Доналд Туск и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се договорија итно да се формира посебно тело за размена на разузнавачки и полициски податоци за да не се случува терористи и платеници на Русија со украинско државјанство да влегуваат во Полска без проблем само затоа што Украина не предала податоци ниту на Полска, ниту распишала потерница преку Интерпол.

Полска вчера со нота побара од Русија и Белорусија да ѝ ги екстрадираат обвинетите непосредни извршители на диверзијата на пругата, додека најмалку четворица нивни соучесници се уапсени во Полска.

Поврзани содржини