ПО КОШМАРОТ ВО КАРДИФ, НОВА НАДЕЖ ВО ЦИРИХ Македонија на потежок начин ќе брка пласман на Мундијалот
По катастрофалниот пораз од Велс, Македонија ќе мора да го бара пласманот на Светското 2026 преку плејофот од Лигата на нации, со можни ривали како Италија, Данска, Турција и Украина.
Македонија доби нова, но многу потешка шанса да се бори за место на Светското првенство во фудбал во 2026 година. Иако вчерашниот тежок пораз од Велс со 7:1 ги урна надежите за директен пласман или бараж преку квалификациската група, „црвено-жолтите“ сепак ќе добијат уште една можност, преку плејофот на Лигата на нации.
Тоа е истиот пат по кој тргнавме и пред претходниот Мундијал, кога Македонија ја шокираше Италија во Палермо и стигна до финалето за Катар, каде застана пред Португалија. Сега повторно сценариото е слично, но со уште потежок распоред и ривалите многу посилни.
Во Кардиф, нашата репрезентација се најде во нокдаун уште на стартот. Велс поведе со 2:0 за 20 минути, а Миовски со гол во 23. минута накратко ја разбуди надежта. Но домаќинот продолжи со силен притисок и со головите на Џонсон, Џејмс, Вилсон (двапати) и Броудхед ја потврди најтешката македонска квалификациска загуба во последната деценија.
И покрај поразот, Македонија останува меѓу 16-те европски селекции што ќе се борат за последните четири билети за СП 2026. Патот е екстремно тежок: полуфинале на гостински терен и можни противници од рангот на Италија, Данска, Турција или Украина.
Плејофот ќе биде составен од четири шешири. Македонија е во последниот, четвртиот, заедно со Романија, Шведска и Северна Ирска. Победниците од полуфиналните двојки ќе играат финале, а само четири репрезентации ќе добијат место на Мундијалот.
Ждрепката која ќе ја одреди нашата судбина ќе се одржи во четврток во Цирих во 13 часот.
И покрај тежината на задачата, репрезентацијата веќе еднаш покажа дека можат да се случат чуда. Македонија повторно е пред невозможна мисија, но и пред уште една историска шанса.