ЕУ СО ЗАБЕЛЕШКИ ЗА СУДСТВОТО Филков најави системски реформи и нов Кривичен законик
Министерот за правда Игор Филков најавува системски реформи, нов Кривичен законик и мобилизација на институциите по сериозните забелешки на Европската комисија за состојбите во судството.
Министерот за правда Игор Филков признава дека критиките на Европската комисија за судството се реални и дека дел од нив се однесуваат на системски слабости кои не можат да се решат преку брзи административни одлуки, туку бараат долгорочни реформи и координација на институциите. Во разговор за МИА, тој најави дека наскоро ќе биде објавен извештај од Комисијата за надзор на АКМИС со детална анализа на проблемите во судовите.
Филков вели дека финансирањето на судството мора да биде независно, но и рационално.
– Финансиската независност не значи финансиска неограниченост. Секој потрошен денар мора да биде оправдан со резултати – побрзи постапки, поголема доверба и повисок квалитет на судските одлуки – изјави министерот.
Во Извештајот за напредокот за 2025 година Европската комисија оцени дека нема напредок во независноста и непристрасноста на судството и предупреди на политички влијанија. Филков смета дека дел од оценките не ја одразуваат целосно сработената работа.
– Изненадува тоа што се бележи само датумот на конечна реализација, а не и сите преземени чекори. Во последните 18 месеци подготвивме над 15 клучни закони и ги доставивме во владина процедура – нагласи тој, набројувајќи ги законите за судската служба, јавните обвинители, плати, слободен пристап до информации, процена, вештачење и други.
Министерот истакнува дека реформите се суштински, а не формални, и дека секторската стратегија веќе има реализација од над 80 проценти во делот за судството и јавните обвинителства.
– Правиме длабоки, структурни промени кои не можат да се измерат само на хартија – додава Филков.
Новиот Кривичен законик – клучна реформа
Една од забелешките на ЕУ беше потребата од нов Кривичен законик. Филков потврди дека се прави усогласување со четири европски директиви, меѓу кои и директивите за еколошки криминал, семејно насилство, конфискација и борба против корупцијата.
– Во новиот законик ќе биде вклучено и ново кривично дело за злоупотреба на интимни снимки, вклучително и „deep fake“ материјали – изјави министерот.
Тој најави дека документот ќе биде комплетно кодифициран, со јасни санкции и рамка која ќе ја спречи селективната правда.
Клучни закони за независно правосудство
Во владина процедура веќе се доставени Законот за Судски совет и измените во Законот за Јавно обвинителство и Советот на јавни обвинители. Сите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија.
– Овие закони ќе бидат темели на новата архитектура на правосудниот систем. Градиме независност која не е само декларативна, туку суштинска – вели Филков.
Потреба од нов Изборен законик
Тој потврдува дека постојниот Изборен законик е преоптоварен со над 40 измени и дека е неопходно да се изработи нов закон.
– Парцијалните измени создадоа неконзистентност. Нов модел мора да ги вгради препораките на ОБСЕ/ОДИХР – нагласува министерот.
Недостиг на кадар – системски проблем
ЕУ забележа недостиг на кадар и финансиска автономија. Филков вели дека состојбата е тешка:
– многу судови работат со половина или третина од предвидениот број судии,
– службите немаат доволно записничари и информатичари,
– дел од судовите немаат ниту обезбедување.
Како илустрација, тој го наведува Вишиот управен суд, каде од 13 судиски позиции се пополнети само шест, а од 64 позиции во судската служба работат само 15 лица.
– Овие проблеми мора да се решат. Затоа подготвивме пакет закони за судската служба, обвинителската служба, буџетот на судовите и Академијата – изјави Филков.
Судењето за пожарот во „Пулс“
За претстојниот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, министерот повикува на воздржаност.
– Да не се претвора процесот во медиумски спектакл по паркови и тротоари. Не смее да има предвремена осуда, ниту виктимизација. Граѓаните очекуваат објективност и еднаква примена на законот – рече Филков.
Тој додава дека државата мора да гарантира фер постапка, без влијанија и політикaнство.