ДВЕ АМЕРИКАНСКИ КОМПАНИИ СИ ОДАТ ОД МАКЕДОНИЈА Причина е намалување на нарачките
Ќе има компании кои што ќе се отвораат и ќе има компаниии кои што ќе се затвораат, и домашни и странски, и тоа не тереба да се сфаќа како крај на светот - рече Мицкоски.
Две странски компании од автомобилската индустрија најавија дека ќе ја напуштат Македонија, објави порталот Бизнисвести.мк.
Според најавите, американската компанија „Аптив“ ќе ја затвори својата фабрика во Скопје најдоцна до крајот на 2026 година. Компанијата, која произведува електронски компоненти за автомобилската индустрија, веќе почнала со процес на постепено намалување на обемот на работа и прераспределба на производството кон други држави.
Исто така, американскатат компанија „Дура аутомотив системс“ објави дека ќе го прекине своето производство во Македонија, поради намалување на нарачките од главниот клиент, што довело до финансиски притисок и невозможност за одржување на тековните производствени капацитети.
Според порталот, двете компании, чии погони биле лоцирани во Технолошко индустриската зона Бунарџик, заедно имале околу илјада вработени.
Најавите за заминување на двете американски компании од Македонија го кометнираше и премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање за време на неговата денешна посета на ТИРЗ Бунарџик.
– Ќе има компании кои што ќе се отвораат и ќе има компаниии кои што ќе се затвораат, и домашни и странски, и тоа не тереба да се сфаќа како крај на светот. Ние како Влада се обидуваме и умешни сме во тоа да привлечеме што е можно повеќе компании. Веќе имаме неколку што се во процес на завршување на преговори, до крајот на годината и то 4 или 5 такви компании, за веќе да потпишат договори со Владата. Очекувам нови над 1.000 работни места кои што би се креирале само како разултат на овие договори – рече Мицкоски, кој присуствуваше на отворање на нов погон на компанијата „Костал“.