🎥 АВТОМОБИЛ ЕКСПЛОДИРАШЕ ВО ЊУ ДЕЛХИ, НАЈМАЛКУ 8 МРТВИ Индискиот премиер Моди вети брза истрага и правда

Причината за експлозијата сè уште не е точно позната, но има информации дека ја предизвикал бомбаш самоубиец кој бил внатре во автомобилот.

119

Автомобил синоќа експлодираше во близина на историскиот комплекс Црвена тврдина во индискиот главен град, при што загинаа најмалку 8 луѓе, а повеќе беа повредени. Експлозијата предизвика пожар што оштети неколку возила паркирани во близина, соопшти полицијата во Њу Делхи.

Неколку противпожарни возила беа веднаш испратени на местото на настанот во близина на еден од влезовите на метро станицата Црвена тврдина.






Причината за експлозијата сè уште не е точно позната, но има информации дека ја предизвикал бомбаш самоубиец кој бил внатре во автомобилот.

Портпаролот на полицијата Санџај Тјаги изјави дека најмалку 8 лица загинале, а неколку други се повредени.

– Истрагата за причината за експлозијата е во тек – рече Тјаги.

Индиската полиција го идентификуваше и уапси сопственикот на автомобилот што експлодираше.

Црвената тврдина, некогаш царска палата на моголските владетели, е едно од најпознатите туристички места во Њу Делхи. Снимките од локалните медиуми покажуваат оштетени возила и полициска лента околу местото на експлозијата.

Еден сведок кој живее во близина изјави дека слушнал „звук на кршење прозорци“, а потоа видел пламен како проголтува неколку автомобили.

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска изјави дека нема да бидат поштедени одговорните за вчерашната експлозија во Њу Делхи и ќе тие бидат изведени пред лицето на правдата.

Моди, кој моментално е во дводневна посета на Бутан, рече дека во текот на ноќта ја следел ситуацијата и дека е во постојан контакт со сите истражни агенции што работат на случајот.

– Денеска доаѓам тука со многу тешко срце. Ужасниот инцидент што се случи во Њу Делхи синоќа длабоко ги растажи сите. Ја разбирам тагата на погодените семејства. Целата нација денеска е со нив – рече индискиот премиер.

Министерот за одбрана Раџнат Синг, исто така, изрази сочувство до семејствата на жртвите и вети „брза и темелна“ истрага.

– Резултатите од истрагата наскоро ќе бидат објавени и сите одговорни ќе бидат изведени пред лицето на правдата – рече Синг.

Поврзани содржини