ФУДБАЛСКИ ЗЕМЈОТРЕС ВО ТУРЦИЈА Уапсени претседател на клуб и над 1.000 фудбалери за местење натпревари

Претседателот на Ејупспор во притвор, 1.024 играчи под истрага. Гигантите Галатасарај и Бешикташ вмешани во афера за местење натпревари.

330

Голем скандал ја потресе турската фудбалска сцена. Осум лица, меѓу кои и претседателот на прволигашот Ејупспор, Мурат Озкај, денеска се уапсени под сомнение за местење резултати на фудбалски натпревари.

Истовремено, Турската фудбалска федерација (ТФФ) суспендираше 1.024 фудбалери и отвори дисциплински истраги против нив, откако изминатата недела беа суспендирани и 149 фудбалски судии кои, според истрагата, активно се обложувале на натпревари.






Од вкупниот број на суспендирани играчи, 27 доаѓаат од клубови од Првата турска лига, меѓу кои и од најголемите гиганти Галатасарај и Бешикташ. Според локалните медиуми, дел од играчите биле под истрага веќе неколку недели, а некои биле фатени со конкретни докази за нелегално обложување.

Поради огромниот број суспендирани играчи, ТФФ побара од ФИФА итно одобрување на посебен 15-дневен трансфер-период, со цел клубовите да ги пополнат празните места во составите.

Во меѓувреме, федерацијата објави дека натпреварувањата во Втората и Третата лига се суспендирани во наредните две недели, додека трае деталната истрага за обложувањето и местењето резултати.

Ова е најголемиот скандал во турскиот фудбал по повеќе од една деценија, кога беше уапсен и поранешниот претседател на Фенербахче, Азиз Ѕилдирим, под слични обвиненија.

Поврзани содржини