БИ-БИ-СИ ДОБИЛ ДОПИС ЗА СКАНДАЛОТ УШТЕ ВО ЈУНИ, НЕМАЛО РЕАКЦИЈА? „Не можеш да се браниш после таква монтажа“

Роџер Мози, поранешен директор на вестите во Би-Би-Си, вели дека документарецот на „Панорама“ содржел „неодбранлив новинарски пропуст“ и корпорацијата Би-Би-Си „знаела за тоа, но реагирала премногу бавно“.

1,131

Редакцијата на Би-Би-Си уште во јуни била предупредена со допис од свој независен советник во врска со проблематичната монтажа на документарецот „Trump: A Second Chance?“. Совеникот Мајкл Прескот дал оставка истиот месец, а како мотив за дописот го навел „очај поради неакција на извршната управа кога се појавуваат проблеми“.

На 8 ноември, во неделата, паднаа оставките на генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, и на директорката на информативната програма, Дебора Тернес, поради скандалот.






Независни аналитичари прашуваат зошто на Би-Би-Си му требале месеци  да реагира на дописот од Мајкл Прескот, тогашен советник во Одборот за уреднички стандарди.

„Не можеш да се браниш против таква монтажа“

Роџер Мози, поранешен директор на вестите во Би-Би-Си, изјави дека е „многу тажен“ поради заминувањето на Тим Дејви.

Но додаде дека документарецот на „Панорама“ содржел „неодбранлив новинарски пропуст“ и дека корпорацијата „знаела за тоа, но реагирала премногу бавно“.

Според него, во целата ситуација постоеле и „внатрешни политички превирања“ – управниот одбор бил „поделен во поглед на тоа како треба да изгледа веста и кој треба да ја води“.
– Ова е ужасна збрка – заклучи Мози.

Требало брзо да реагираат

Поранешниот британски министер за култура, сер Џон Витингдејл, изјави дека директорот на Би-Би-Си ја имал „една од најтешките функции во медиумскиот свет“. Тој објасни дека корпорацијата создава илјадници часови програми и „понекогаш се случуваат грешки“.

Меѓутоа, според него, овој пат било поинаку. Откако извештајот со сериозни забелешки бил поднесен до Управниот одбор на Би-Би-Си, „ништо не се случило“. Дури и по објавувањето на мемото во весникот „Телеграф“, Би-Би-Си „требало да реагира многу побрзо“, нагласи Витингдејл.

Тој додаде дека му е жал поради оставката на познатиот уредник Тим Дејви, кого го опиша како „чесен човек кој работи неверојатно тежок и одговорен ангажман“, јави Би-Би-Си.

Што содржел дописот на Прескот?

Во извештајот советникот напишал дека документарецот има јасен „анти-Трамп став“ и дека во неа доминирале десет критичари, наспроти само еден негов поддржувач. Притоа, посочил дека програмата во монатажата споила два различни делови од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, создавајќи впечаток дека тој повикал на насилство, што, според Прескот, „материјално ги довело гледачите во заблуда“.

Досието на Прескот, исто така, покрена загриженост за други области на продукцијата на Би-Би-Си – вклучувајќи го и известувањето за трансродовите прашања, војната во Газа и за климатските промени.

 „Одборот го подриваше директорот“

Дејвид Јеланд, поранешен уредник на британскиот магазин „Сан“ и сегашен водител на Би-Би-Си, изјави дека оставките на Дејви и Тернес биле резултат на „внатрешен удар“ во рамките на управниот одбор на корпорацијата.

Тој за програмата „Today“ на Радио 4 изјави дека одредени членови на Одборот, предводен од Самир Шах, „систематски го поткопувале“ директорот и неговиот тим, соработувајќи со непријателски настроени медиуми и политички противници на јавниот сервис.

– Постојат причини зошто Би-Би-Си е „најдоверливата организација во светот“, а весниците не се – рече Јеланд.

 

Поврзани содржини