ДИГИТАЛИЗАЦИЈА ЗА ЗДРАВСТВО КОЕ УЧИ, АНАЛИЗИРА И РЕАГИРА НАВРЕМЕ Темел на еднакво достапни услуги, порача Алиу
Лекарите ќе имаат целосно точна и моментална инфраструктура на здравствената историја на секој пациент, а пациентот ќе има контрола, увид и сигурност, односно ќе ги следи сите здравствени податоци за себе, рече министерот за здравство, Азир Алиу.
Здравствениот систем на 21. век не се гради само со ѕидови, апарати и со процедури, туку се гради со податоци, со интеграција, предвидување и со дигитална инфраструктура во здравството, порача министерот за здравство, Азир Алиу во обраќањето на отворањето на Саемот за медицина, стоматологија и фармација – Health Innovation Expo 2025, кој денес и утре се одржува во Скопје во организација на Комората на приватно здравство на Македонија.
Министерот Алиу истакна дека преку дигитализацијата се поставува основата на здравство кое учи, анализира и реагира навреме, односно на здравствен систем кој не чека да се појави проблем, туку ги предвидува и спречува проблемите.
– Настаните од овој вид значат многу повеќе од една заедничка средба меѓу професионалци и државни институции. Значи дека податоците ќе треба да се движат заедно со пациентот, а не пациентот со податоците и ние ќе работиме во оваа насока. Лекарите ќе имаат целосно точна и моментална инфраструктура на здравствената историја на секој пациент, а пациентот ќе има контрола, увид и сигурност, односно ќе ги следи сите здравствени податоци за себе – рече министерот Алиу.
Тој додаде дека станува збор за нов модел по кој што работи целито свет за креирање на здравствена инфраструктура која што делува, а не што е реактивна.
Министерот Алиу појасни дека дигитализацијата реално не е услуга, туку дека е темел кој што овозможува здравството да биде еднакво и достоинствено достапно за секој граѓанин во државата.
– Технологиите се грижат не само за пациентите, туку и за здравствените работници, обезбедуваат можност за телемедицина која што е консултативна, која што е добра база и патоказ за здравство во секој наш дом. Пациентите со хронични заболувања може да се следат во реално време преку дигитална инфраструктура во здравствениот систем – рече министерот Алиу.
Истакна дека користењето на дигиталните протоколи, вештачката интелигенција и алгоритмите поврзани со здравствениот систем овозможуваат откривање на рани здравствени ризици.
– Со дигитализацијата ќе имаме помалку чекање на пациентите, помалку непотребни хоспитализации, повеќе грижа и достоинство за нив. Затоа работиме на дигитална трансформација на здравството, за да имаме стандардизација како држава, дисциплина и професионализам како здравствени работници, како и обврска да служиме чесно и навремено за нашите пациенти – рече Алиу.
Тој порача дека ќе се продолжи со интеграција на сите здравствени установи и сервиси во државата, како и со обезбедување на едно национално електронско досие за секој граѓанин.