ЗАСЕГА НЕМА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА, А ВРЕДИ НЕМА ДА ДОБИЕ МИНИСТЕР ПЛУС Мицкоски ќе се фокусира на реформите во судството и во обвинителството, како и на партискиот конгрес

Мицкоски очекува да добие имиња за испразнетите места во владата. Додека се подготвува за редовниот партиски конгрес ќе размислува и за одредени кадровски поместувања во Владата доколку има потреба за сето тоа.

2,024

Премиерот Христијан Мицкоски засега не планира реконструкција во Владата, туку само пополнување на испразнетите места на министрите. Неговиот фокус во следниот период ќе биде партискиот конгрес закажан за 6 декември во Кавадарци и промените во судско-обвинителската област.

– А зошто да добие? Тоа не значи дека ќе има ресор повеќе. Тоа си е одлука на нашиот коалиционен партнер. Јас имам високо мислење за Беким Сали, но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет – рече Мицкоски на прашање дали кадар од Коалицијата Вреди и натаму ќе го води Министерството за животна средина откако првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити стана градоначалник на Чаир, а Беким Сали веќе е спомнат како ново име за прв вицепремиер. Прашањето беше дали со назначување на друго име од Вреди за министер за животна средина, оваа коалиција ќе добие уште еден министер во Владата, зашто Меџити вршеше две функции.






Мицкоски очекува да добие имиња за испразнетите места во владата и да види дали тие имиња ги исполнуваат неговите очекувања.

– Ние сега сме фокусирани на редовниот конгрес. Тоа ќе опфати и формирање на партиска структура, извршен комитет и други структури. Во меѓувреме ќе размислуваме за одредени кадровски поместувања во Владата доколку има потреба за сето тоа. Подготвен сум да разговарам со сите чинители и да ги слушнам. Мандатар сум јас. Нормално е дека последниот збор ќе го имам јас. Реконструкција на влада не се прави само за да се реконструира Владата. Пред кој било потег да се повлече треба да се размисли дали тоа ново кадровско решение ќе биде подобро од сегашното и дали новото решение ќе понуди подобра програма. Реконструкцијата нема да значи ништо ако донесеме некој што нема што да понуди – рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Според него, евентуалната реконструкцијата во Владата е процес кој што ќе трае.

На прашањето да го коментира извештојот од ЕУ, тој иронично рече:

– Да ги направиме уставните измени најдобри ќе бидеме. И потоа да добиеме ново вето и повторно нови проблеми. Тогаш сигурно ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони.

Мицкоски додаде дека е исклучително задоволен од тоа што е напишано во извештајот, бидејќи, како што рече, нема назадување, туку има стагнација во некои области.

– Тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и затоа нон-стоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет во Обвинителството и тн. Сега по изборите многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема – најави премиерот.

Тој го оцени генерално како добар извештајот, но не се согласува дека некои земји се пред нас.

– На пример, ние сме многу пред Албанија иако некои од еврокомесарите даваат изјави какви што даваат. Дури во 8 области сме понапред. Објективна оценка е дека Црна Гора е прва, па ние и Србија, потоа доаѓаат Албанија, Босна и Херцеговина… Но треба да работиме и ќе работиме. Јас сум фокусиран на реформите, оваа влада е реформска и така ќе продолжи – рече тој.

Мицкоски не сакаше да коментира дали бара оставка од лидерот на СДСМ Венко Филипче по поразот на локалните избори.

– Тоа е нивна внатрешна работа. Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ имав многу надворешни замешателства и кога бевме во опозиција, и периодот после оние локални избори во 2021 година. Јас се водам по една стара максима, која што вели, „Не му прави на човека тоа што не сакаш тебе да ти прават“. Ние апсолутно стоиме надвор од тие процеси, не нѐ интересираат, тоа си е внатрешна работа на политичките партии. Дали во ДУИ ќе има одредени кадровски освежувања и поместувања, дали во СДСМ, тоа си е нивна работа – додаде тој.

Поврзани содржини