🎥 📷 „ТРАМП-БЕЛГРАД“ ЌЕ ГО ЗАСЕНИ И БЕЛГРАД НА ВОДА Што сѐ ќе добие зетот на Трамп за да гради во строгиот центар на српската метропола
Имотот на Генералштабот опфаќа две парцели со вкупна површина од околу 37.000 квадратни метри, како и Касарната на Седмиот пук, што се наоѓа на аголот на улиците Немањина и Ресавска — на истата парцела со бомбардираната зграда на Армијата, која веќе 26 години чека реконструкција.
Владата на Александар Вучиќ има намера во Собранието да донесе посебен закон („lex specialis“) за укинување на статусот „споменик на културата“ на имотот на Генералштабот на армијата во строгиот центар на Белград, со што ќе им се овозможи на компаниите на Џеред Кушнер – зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, да добие земјиште од речиси четири хектари и објектите што се наоѓаат на две парцели, на период од 99 години. Сето тоа во строгиот центар на Белград, точно спроти зградата на Владата на Србија, пишуваат српски медиуми.
Тоа ќе му отвори пат на Кушнер за реализација на импозантниот проект „Trump Belgrade“, кој ќе се протега на 3.000 квардатни метри површина. На компанијата Afiniti Global Development, која е во сопственост на Џеред Кушнер, според сите индиции, бесплатно ќе ѝ биде отстапен целиот „пакет“ на Генералштабот – зградите на Генералштабот и на Министерството за одбрана, кои се дел од истиот комплекс, и кои сега имаат статус на културно наследство. На семејството Трамп, едно од најбогатите во САД, ќе му припадне она што остана од комплексот на Генералштабот по бомбардирањето од страна на НАТО во 1999 година – и уште повеќе од тоа.
Доколку биде усвоен законот „lex specialis“, зетот на Трамп ќе ја добие целата имотна целина на Генералштабот, зградата што се наоѓа на аголот меѓу улиците Кнез Милош и Немањина – еден од најрепрезентативните делови на Белград. Во рамките на овој огромен комплекс има бројни стари објекти, меѓу кои и касарни изградени во 18. и 19. век, од времето на кнез Милош Обреновиќ па сè до денес.
На парцелата е предвидена изградба на две џиновски структури, што ќе биде можно само ако, покрај оштетените објекти, се урнат и неоштетените делови — Стариот Генералштаб (Баумгартеновата палата од 1928 година на Кнез Милош) и кулата на зградата „Б“ кон Бирчанинова улица, која е во добра состојба и сè уште е во функција.
Имотот на Генералштабот опфаќа две парцели со вкупна површина од околу 37.000 квадратни метри, односно речиси четири хектари земјиште, како и Касарната на Седмиот пук, што се наоѓа на аголот на улиците Немањина и Ресавска — на истата парцела со бомбардираната зграда на Армијата, која веќе 26 години чека реконструкција.
Касарната на Седмиот пук, исто така, е заштитена како културно добро од национално значење и не е предвидена за уривање. Според фотографиите на официјалната страница на проектот „Trump Belgrade“, во овој објект треба да се изгради хотел именуван според американскиот претседател — Интернационален хотел „Трамп“. Зградата зафаќа површина од околу 3.000 квадратни метри, а правото на користење во моментов го има Министерството за одбрана.
Според проектот, хотелот „Трамп“ ќе има 175 соби, а е предвидена изградба на кули со повеќе од 1.500 станови, еден хотел и музеј. Целиот тој комплекс ќе зафаќа површина од над 250.000 квадратни метри.
Отстранувањето на заштитата од комплексот на Генералштабот, кој е прогласен за културно добро од национално значење, според експертите, е незаконско и противуставно, бидејќи зградите на Генералштабот не го изгубиле својството на културно добро, имајќи предвид дека биле ставени под заштита во 2005 година, по оштетувањето во бомбардирањето на НАТО.
Законот „лекс специјалис“ за Генералштабот пред сè треба да го олесни уривањето на постојните згради, а овој „посебен закон“ би можел да стане и најбрзо усвоениот закон во историјата на Србија – поднесен е на 2 ноември, а само два дена подоцна бил ставен пред пратениците во српското Собрание.
