24.000 ТОНИ ХУМАНИТАРНА ПОМОШ, НО НЕ Е ДОВОЛНО Ситуацијата во Газа останува критична, предупредуваат од ОН
ОН соопштија дека од почетокот на прекинот на огнот на 10 октомври се доставени над 24.000 тони храна и медицинска помош во Појасот Газа, но дека хуманитарните организации и понатаму се соочуваат со недостиг на средства и ограничувања во координацијата со Израел.
Над 24.000 тони хуманитарна помош од Обединетите нации се доставени во Појасот Газа од почетокот на прекинот на огнот, соопшти денеска претставник на Светската организација, повикувајќи невладините организации да добијат дозвола да работат во палестинската енклава.
И покрај тоа што обемот на помошта е значително зголемен од стапувањето во сила на прекинот на огнот на 10 октомври, хуманитарните организации сè уште се соочуваат со недостиг на средства и проблеми со координацијата со Израел, посочуваат ОН.
„Од почетокот на прекинот на огнот, доставивме над 24.000 тони помош преку сите контролни пунктови и ја возобновивме дистрибуцијата како на ниво на населени места, така и на ниво на домаќинства,“ изјави Рамиз Алакбаров, заменик специјален координатор на ОН за палестинските територии.
Самер Абдел Џабер, директор на Светската програма на ОН за храна за Блискиот Исток, истакна дека за 20 дена агенцијата успеала да дистрибуира околу 20.000 тони храна во Појасот Газа.
И покрај сè, грабежите на хуманитарните конвои се значително намалени, што ја олеснува дистрибуцијата, прецизира Алакбаров.
„Примената на (американскиот) план од 20 точки продолжува да биде од централно значење и е неопходен услов за да можеме да обезбедиме хуманитарна помош во целосен обем,“ додаде тој.
Алакбаров го повика Израел да им дозволи на невладините организации да учествуваат во дистрибуцијата на помошта во Појасот Газа.
„Добрата вест е дека благодарение на прекинот на огнот, договорен од САД, можеме да доставиме многу повеќе помош во Газа отколку претходно,“ коментира во видео изјава шефот на хуманитарните операции на ОН, Том Флечер.
„Ова е вистински напредок, но е капка во морето. Тоа е само почеток на она што треба да го направиме,“ нагласи Флечер.
 
			