САНКЦИИТЕ НА ТРАМП КОН КРЕМЉ СЕ ЧИН НА ВОЈНА Медведев ги обвини САД дека застанале на страната на полудената Европа
Синоќа, за првпат во својот втор мандат, Трамп воведе санкции против Русија, во врска со нафтените компании Лукоил и Роснефт.
Поранешниот руски претседател и актуелен заменик-претседател на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека извршил „чин на војна“ против Русија со воведувањето санкции врз нафтените гиганти и откажувањето на предложениот самит со рускиот претседател Владимир Путин.
„Ако некој од многуте коментатори сè уште негувал илузии, еве ви сега. САД се нашиот непријател, а нивниот зборлест ‘миротворец’ сега целосно тргна по патот на војна со Русија“, напиша Медведев на Телеграм.
„Да, тој сè уште не се бори секогаш активно на страната на бандеровиот Киев, но ова сега е негов конфликт, а не конфликт на сенилниот Бајден. Секако дека ќе каже дека не можел поинаку, дека бил притиснат во Конгресот итн. Ова не ја менува главната поента: донесените одлуки се чин на војна против Русија. А сега Трамп целосно застана на страната на полудената Европа“, додаде тој.
„Но, има јасен плус во ова последно замавнување на нишалото на Трамп: можеме да ги погодиме сите скривалишта на Бандер со секаков вид оружје без да се замараме со непотребни преговори. И да бараме победа точно таму каде што е можно, на терен, а не на маса. Со уништување на непријателите, а не со склучување бесмислени ‘договори’“, заклучи тој.
Синоќа, за првпат во својот втор мандат, Трамп воведе санкции против Русија, во врска со нафтените компании Лукоил и Роснефт.
Министерството за финансии на САД, кое ги издаде санкциите, соопшти дека е подготвено да преземе понатамошни чекори и ја повика Москва веднаш да се согласи на прекин на огнот во војната на Русија во Украина, која започна во февруари 2022 година.
– Со оглед на одбивањето на претседателот Путин да ја заврши оваа бесмислена војна, министерството воведува санкции врз двете најголеми руски нафтени компании кои ја финансираат воената машина на Кремљ. Ги охрабруваме нашите сојузници да ни се придружат во почитувањето на овие санкции – рече американскиот министер за финансии Скот Бесент.
Санкциите претставуваат голем пресврт во политиката на Трамп, кој не воведе санкции против Русија поради војната, туку се фокусираше на трговски мерки.