„ВЕЗИЛКА“ Е КАПИТАЛЕЦ ШТО ЌЕ ИСПИШЕ ИСТОРИЈА Македонија ќе добие Национален центар за вештачка интелигенција

Ова е капитален проект со историско и национално значење - нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција. Со „Везилка“ нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

910

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска официјално го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на Македонија.

Проектот, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, а е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ, кој е носител на проектот.






– Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција. Со „Везилка“ нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница – истакна министерот Андоновски.

Центарот ќе биде придружна единица на европската фабрика за ВИ „haros“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.

Проектот има и јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на ВИ во пет приоритетни области, посочи Андоновски.

– Прво и најзначајно: Јазик и култура – целта на овој проект пред сè, е системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство; Понатаму, примена на ВИ во здравството – анализа на здравствени податоци и подобрување на медицинските услуги; Енергетика – оптимизација на производството и на потрошувачката на енергија; Јавна администрација – автоматизација на процеси и зголемена транспарентност; Земјоделие – примена на паметни технологии за современо и одржливо производство. Суштината на „Везилка“ е едноставна: да создадеме интелигентни решенија кои му служат на човекот – да ја направиме технологијата достапна, корисна и етична – рече Андоновски.

Министерство за дигитална трансформација

 

Дополнително, додаде тој, „Везилка“ ќе функционира и како центар за обука и за развој на човечки капитал, каде ќе се организираат тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на вештачката интелигенција.

– Создаваме систем, а не ад хок проекти. „Везилка“ ја симболизира нашата визија – Македонија како дигитално суверена држава со силна научна и иновациска основа. Ова е чекор со кој нашата земја станува активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач – додаде министерот Андоновски.

Тој упати јавна покана до сите академски и научни институции, како и до приватниот сектор, да се вклучат во овој национален проект со европска димензија, со цел градење на „паметна, дигитална и иновативна Македонија“.

Европската комисија вчера најави проширување на програмата „Фабрички антени за вештачка интелигенција“ (АИФА) во 7 земји членки и 6 партнери на ЕУ, меѓу кои и во Македонија.

– Можам да објавам дека ќе ги отвориме нашите фабрики за вештачка интелигенција за Западниот Балкан. Ќе започнеме со две антени во Македонија и во Србија, со што воведуваме брз дигитален ‘рбет низ целиот регион што ќе им овозможи на компаниите во сите 6 партнери да се поврзат со овие фабрики – изјави Фон дер Лајен во обраќање на Инвестицискиот форум во Тирана.

Ова, според Фон дер Лајен, ќе значи дека компании од Западниот Балкан ќе можат да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција.

– Со други зборови, компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга. Бидејќи сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа, сакам Западниот Балкан да биде во неговото јадро – рече Фон дер Лајен.

 

ЌЕ ПОЧНЕ СО ДВЕ АНТЕНИ ВО МАКЕДОНИЈА И ВО СРБИЈА Европската унија ќе гради фабрики за вештачка интелигенција во Западен Балкан

Поврзани содржини