ЕКСПЕРТИТЕ СЕ ЗА ЦЕЛОСНО НОВА ТРАСА НА БРЗАТА ПРУГА Постоечката траса на пругата да се користи за товарен сообраќај

Деканот на Градежниот факултет вели дека сегашната пруга е потребна за товарниот сообраќај, а брзата пруга е додадена вредност.

267

Деканот на Градежен факултет Јосиф Јосифовски смета дека треба да се изгради целосно нова траса на брзата пруга, а сегашната траса да се користи за товарниот сообраќај.

Тој вели дека се  работи за сериозен план, којшто треба да помине низ подготвителни работи, изработка на физибилити студии кои ќе укажат на обврските и потребните финансии.






– Нам ни е потребна и постојната железничка линија што ја имаме. Таа може да се користи во најмала рака за тежок сообраќај за индустријата, а брзата пруга ќе биде додадена вредност – рече Јосифовски.

Тој додаде дека Градежниот факултет е веќе екипиран, и дека екипите се на терен.

– Ги знаеме проблемите. Работите ќе се одвиваат сегментно во фази. Уште веднаш ќе почнеме со полесните фази. Нема да ја затвориме пругата и ќе најдеме начин тие да се реализираат без проблеми – рече Јосифовски.

Сепак, студијата која се подготвува треба да покаже дали ќе се користи сегашната траса на пругата од Коридорот 10 или ќе се гради целосно нова пруга која ќе одговара на стандардите за брза пруга.

Директорот на Железници транспорт Синиша Ивановски информира дека брзата пруга ќе се реализира на сегашната траса, но со измени на одделни делови каде што сега има забавување на сообраќајот.

– Брзата пруга ќе биде двоколосечна. Најголем дел од постоечката траса ќе ја задржиме со тоа што онаму каде што има големи кривини, тие ќе се исправаат. Притоа, со студиите кои се подготвуваат ќе се знае каде ќе биде новата траса која ќе се трудиме да биде многу блиску до сегашната траса. Ако рокот за завршување на сите студии е отприлика околу девет месеци, до основен проект, а потоа и избор на изведувач, некаде во 2026 година би имало реални градежни активности на траса, а уште есенва ќе стартуваат геолошки и геомеханички и друг вид испитувања – рече Ивановски.

Тој информира  дека во Министерството за транспорт е завршена постапката за избор на изведувач на потребните студии и идејниот проект, кои што би требало да бидат готови за девет месеци. После тоа, појасни дека се активира заемот со избраната банка што ќе биде за целиот заем, по што следува процес за избор на изведувач согласно правилата со Договорот со Велика Британија.

Според експертите, брзите пруги, поради скапото одржување, вообичаено се користат за превоз на патници и превоз на високософистицирани товар, односно производи со додадена вредност или расиплива стока, која не може да се превезува подолг временски период и подлежи на високи стандарди на пакување. Товар, каков што се пренесува кај нас со железницата – руда, градежен материјал и слично, не може да се превезува по брза пруга.

Градежните работи за брзата пруга на Коридорт 10 се очекува да почнат следната година, а да биде готова и пуштена во употреба за пет-шест години заедно со реконструираната Железничка станица во Скопје и железничкиот крак од оваа станица до Меѓународниот аеродром Скопје. Паралелно со тоа МЖ Транспорт ќе треба да направи набавка на нови возови и локомотиви.

Поврзани содржини