ТОМАХАВК ОД УКРАИНА БИ ПОВЛЕКОЛ НУКЛЕАРЕН ОДГОВОР ОД РУСИЈА Медведев вели дека тоа ќе биде лошо за сите, особено за Трамп
Невозможно е да се разликува дали ракетите носат нуклеарни или конвенционални боеви глави, што ја прави ситуацијата исклучително ризична. Како треба Русија да одговори? Точно така - напиша Медведев, алудирајќи на можен нуклеарен одговор од Москва.
Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев предупреди дека евентуалното снабдување на Украина со американски Томахавк-ракети може да има сериозни последици за сите, „особено за американскиот претседател Доналд Трамп“.
Во објава на Телеграм, Медведев – познат по своите остри и воинствени изјави – истакна дека по лансирањето е невозможно да се разликува дали ракетите носат нуклеарни или конвенционални боеви глави, што, како што нагласи, ја прави ситуацијата исклучително ризична.
– Како треба Русија да одговори? Точно така! – напиша Медведев, алудирајќи на можен нуклеарен одговор од Москва.
Изјавата уследи откако Трамп повторно изјави дека може да ѝ понуди на Украина Томахавк-ракети со голем дострел доколку рускиот претседател Владимир Путин не го запре војувањето.
– Можеби ќе го направиме тоа… дали сакаат Томахавки да одат во нивна насока? Не мислам така – рече Трамп.
Медведев потсети и на августовската изјава на Трамп дека наредил две нуклеарни подморници да се приближат кон Русија поради, како што рече, „провокативни коментари“ од рускиот политичар. Претседателот Путин претходно предупреди дека евентуалното снабдување на Украина со Томахавк-ракети – со дострел од 2.500 километри, доволен да стигнат до Москва – би ги уништило односите меѓу САД и Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, пак, нагласи дека Киев би ги користел ракетите само за воени цели и дека нема намера да напаѓа цивили во Русија.