ДОДЕЛЕНИ ДРЖАВНИТЕ НАГРАДИ „11 ОКТОМВРИ“ Признание за животно дело на најистакнатите имиња од науката и уметноста

Добитници се актерката Теута Ајдини-Јегени, диригентката Летка Димовска-Полизова, продуцентот Иво Јанкоски, академик Глигор Јовановски и професорот Константин Димитров.

394

Во чест на државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание, денеска во „Кристалната сала“ на Собранието беа доделени Државните награди „11 Октомври“, највисокото признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и јавниот интерес.

Оваа година, наградата за животно дело во областа на културата и уметноста им беше доделена на актерката Теута Ајдини-Јегени, проф. Летка Димовска-Полизова, и продуцентот Иво Јанкоски, а во науката и образованието – на проф. д-р Константин Димитров и академик Глигор Јовановски.






Наградите ги врачуваше професор доктор Светозар Антовиќ, декан на Медицинскиот факултет и претседател на Одборот за доделување на наградата.

– Ова не е само награда, туку и обврска, обврска да се продолжи патот на нашите претци преку наука, култура и општествена одговорност. Лауреатите се жив доказ дека револуционерниот дух не згаснува, туку се преобразува во идеи и дела што ја градат нашата иднина – истакна Антовиќ.

Тој додаде дека Македонија денес претставува „вистински мозаик на традиции“, кој придонесува за нејзината богата духовна, културна и научна сцена.

– Додека се навраќаме на храброста од 1941 година, мора да ги препознаеме и предизвиците со кои се соочуваме денес, патот кон Европската Унија бара системски реформи, повеќе отчетност и посилни институции – рече тој, нагласувајќи дека образованието и знаењето се темелот на секоја просперитетна држава.

Признание за врвни имиња од македонската култура и наука

На настанот беше истакнат придонесот на добитниците:

Теута Ајдини-Јегени – актерка со импресивна кариера и бројни главни улоги во театар, телевизија и филм.

Летка Димовска-Полизова – хорски диригент и културен амбасадор кој ја афирмира македонската сакрална и профана музичка традиција ширум светот.

Иво Јанкоски – продуцент и промотор на македонската култура и уметност преку музика, филм, дизајн и сценски проекти.

Академик Глигор Јовановски – врвен научник во областа на хемијата со меѓународно признат истражувачки придонес.

Проф. д-р Константин Димитров – водечки експерт за енергетска ефикасност и одржлив развој, со повеќедецениска работа во науката и иновациите.

Од името на добитниците, се обрати професорот Константин Димитров, кој истакна дека признанието е инспирација за сите идни генерации.

– Оваа награда е доказ дека со истрајна работа и љубов кон татковината, успехот е достижен. Нека биде поттик за младите дека Македонија ќе расте преку знаење, уметност и човечност – рече Димитров.

Поврзани содржини