СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ СТАРТУВА СО ШОПЕН И БАХ ВО ЏЕЗ АРАНЖМАН Годинава без американска поддршка, но со многу американски џезери

За првпат годинава Скопскиот џез фестивал остана без поддршката на Американската амбасада во Скопје, а веќе втора година по ред е загубена и поддршката и комуникацијата со Градот Скопје. Сепак и ова 44-то издание на СЏФ има богата и ексклузивна програма со која ја задржува репутацијата која ја има во Европа и во светот, односно, како што вели Оливер Белопета, еден култен статус кој не носи пари, но носи огромно лично задоволство.

543

Годинешното издание на Скопскиот џез фестивал кој се одржува од 16 до 19 октомври, продолжува со истиот програмски концепт како и досега, односно, свртен кон современиот џез и актуелноста на оние кои се дел од програмата. Како што вели директорот на фестивалот Оливер Белопета, „сите кои доаѓаат на СЏФ имаат оваа година или лани, некои нови остварувања кои оставиле силен белег на сцената, па така нивниот избор никогаш не е случаен“.

Во овој концепт спаѓа и ексклузивноста, па и годинава има доста ексклузивни настани затоа што, вели Белопета, „основна цел на фестивалот е да ја задржи репутацијата која ја има во Европа и светот, помалку или повеќе култен статус кој не носи пари, но носи огромно лично задоволство“.






Накусо, Белопета најави дека успешната приказна од изминатите години, продолжува со истите елементи кои кажуваат зошто е таа успешна.

За првпат годинава скопскиот џез фестивал остана без поддршката на Американската амбасада во Скопје, со оглед на тоа што претседателот Трамп забранил какво било давање пари за културата во Македонија, иако, како што вели Белопета, поголемиот дел од програмата ја промовира токму американската култура, односно, повеќето од музичарите кои се дел од фестивалот се токму американски џезери.

Веќе втора година по ред е загубена и поддршката и комуникацијата и со Градот Скопје, што е впрочем случај и со се друго од областа на културата во градот, меѓудругите и поддршката за МКЦ поради што годинава ќе ги нема оние полноќни концерти таму како што беше во изминатите години.
Сепак, и ова 44-то издание на СЏФ кое ја има главната поддршка од Министерството за култура, а освен домашните спонзори, и поддршката од австриската, од полската амбасада и од делегацијата на ЕУ, има богата и ексклузивна програма и актуелни имиња од светската џез сцена. Целата програма ќе се одвива во Националната опера и балет, а ќе стартува со триото на полскиот пијанист Анджеј Јагоѓински, кое, како што најави Белопета, ќе ги свири Бах и Шопен.

Истата вечер, по Јагоѓински ќе свири и нашиот Национален џез оркестар со двајцата гости: австрискиот диригент и аранжер Зиги Фајгл и американскиот тромбонист Луис Бониља.

Втората вечер, на 17 октомври, се американскиот гитарист Марк Рибо, култен гитарист кој свирел на албуми на Том Вејтс и Роберт Плант и еден од најпрогресивните артисти на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго, Кахил Ел Забар, кој слави 50 години на сцената и е на промотивна турнеја со својот ансамбл.

На 18 октомври ќе имаме скандинавска вечер, па први настапуваат „After the wildfire quartet“ – Арве Хенриксен и Јан Банг со гитаристот Ејвинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак, а потоа Горан Кајфеш со квартетот Tropiques кој на публиката ќе ѝ понуди „хипно-џез“ уживање. Квартетот покрај Кајфеш, го сочинуваат и исклучителните шведски музичари Александар Зетсон, Јохан Берлинг и Јохан Холмегард.

СЏФ завршува на 19 октомври, со настап на најкреативниот и најдобар жив американски џез музичар, трубачот и композитор Вадада Лео Смит и пијанистката Силви Курвоазје, по кои ќе свири и квартетот на тенор саксофонистот Џејмс Брендон Луис.

Програмата на 44. Скопски џез фестивал предвидува и две ексклузивни европски филмски премиери во киното Фросина. Прикажани ќе бидат документарците „We want the funk!“ и „SUN RA: Do the impossible“.

Наградата за најдобар џез музичар, што ја доделува СЏФ, оваа година му припадна на пијанистот, композитор и аранжер Гордан Спасовски, кој со своето трио ќе настапи на посебен настан во „Аудиокултура“, на 18 октомври.

Поврзани содржини