„СДСМ СЕКОЈ ДЕН ИСТО, ОСТАВКА, ОСТАВКА!“ По 8 години хаос, правдата им тропа на врата, порача Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски остро реагираше на, како што рече, политички мотивираните напади од СДСМ, обвинувајќи ги дека со измислени скандали се обидуваат да го прикријат стравот од одговорност.

419

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на својот Фејсбук профил упати остар одговор на, како што ги нарече, „неосновани и политички мотивирани напади“ од страна на СДСМ. Тој смета дека последните настапи на опозициската партија се обид да се прикрие очајот и стравот од одговорност за осумгодишното уништување на институциите и системот.

– Помина повеќе од една година во која секојдневно активност на прес-центарот на СДСМ не е ништо друго освен папагалско повторување на зборовите: „Оставка за Тошковски!“ Секој ден, иста реченица, иста интонација. Изгледа како да добиле упатство — без разлика на темата, одговорот мора да биде „оставка“ – порача Тошковски.






Тој додаде дека хистеричната реторика на опозицијата не е политичка дебата, туку „очај маскиран во соопштение“.

– Не би се изненадил ако СДСМ утре излезе со соопштение дека јас сум лично одговорен и за недостигот на сончеви зраци во Скопје. Кај нив, секоја тема е добра само ако може да се спакува во зборот „оставка“. Таквите небулози само покажуваат колку е изгубена партијата што нема аргументи, па се обидува да произведе скандал од секој еден случај – изјави министерот.

Тошковски остро ги демантираше тврдењата дека припадници на МВР воделе партиски состаноци, нарекувајќи ги тие обвинувања „обид да се прикаже институција што конечно не им е под команда како нивен непријател“.

– Кога не можат да најдат реален пропуст – го измислуваат. А кога ќе се случи вистински настан, како инцидентот со пукањето во Куманово, веднаш го претвораат во нова доза политичка хистерија. Пред да заврши увидот, пред да има резултати, тие бараат оставка. За нив секој трагичен настан е средство за политичка пресметка – нагласи министерот.

Тошковски додаде дека СДСМ очигледно е вознемирен од фактот што институциите конечно функционираат и дека правдата „им тропа на врата“.

– Толку ли многу им смета што покренавме кривични постапки против корумпирани судии и обвинители? Толку ли им смета што расчистивме 14 криминални банди кои се занимаваа со дрога, трговија со луѓе и тешки убиства – токму додека министер беше човек од СДСМ? Толку ли им смета што уапсивме членови на терористички ќелии? – праша Тошковски.

Тој додаде дека неговата работа предизвикува револт кај оние кои очекувале дека МВР ќе остане алатка за партиски и бизнис интереси, но наместо тоа, Министерството денес е инструмент за спроведување на законот.

– Очигледно не им пречи начинот на кој работам, туку резултатите. Јас сум првиот министер во историјата на Македонија кој за една година преживеал две интерпелации – една од Левица и една од ДУИ. Единствено што недостасува е СДСМ да поднесе и трета, за да ја заокружат оваа ‘необична коалиција’ во нивниот очај – рече Тошковски.

Министерот беше дециден дека нема да си поднесе оставка и најави дека ќе продолжи со реформи и расчистување на нередот што, според него, го оставила поранешната власт.

– Нема да поднесам оставка. Додека тие се занимаваат со спинови и конструкции, јас ќе продолжам со решавање на проблеми и расчистување на нередот кој го оставија. За нив политиката е шоу, за нас е одговорност. Тоа е разликата помеѓу власт што руши и генерација што гради – порача Тошковски.

На крајот, министерот додаде дека исходот од претстојните локални избори ќе биде најдобриот одговор на, како што рече, „најгласното ‘оставка’ на СДСМ“.

– За десетина дена граѓаните ќе го покажат резултатот од нивните празни зборови. Ќе се види кој работел, а кој само ширел паника и хистерија – заклучи министерот Панче Тошковски.

Поврзани содржини