КАСАМИ ВЕТИ НОВА АВТОБУСКА СТАНИЦА ВО ТЕТОВО Општината ќе купи 5 електричи автобуси и 5 минибуси
Во овој мандат ќе изградиме нова модерна автобуска станица која ќе биде функционална, безбедна, интегрирана со мрежата на јавниот превоз. Ќе набавиме 5 електрични автобуси и 5 електрични минибуси со кои, покрај проширувањето на мрежата на градскиот превоз, ќе можеме да покриеме и превоз до планинските села, најави кандидатот за градоначалник на Тетово, Биљал Касами.
Градоначалникот на Тетово и кандидат за нов мандат, Биљал Касами најави модернизирање на јавниот автобуски превоз во градот и проширување на превозните услуги до планинските села. Тој денеска на прес-конференција во центарот на Тетово дојде со редовната линија на градскиот автобуски превоз.
Касами рече дека урбаниот транспорт во Тетово бил нефункционален на почеток на неговиот мандат, но додаде дека успеале да ги „придвижат работите во вистинска насока“.
За вториот мандат најави дека јавниот превоз ќе се модернизира уште повеќе, „како што доликува на универзитетски, културен и економски град како Тетово“.
– За ова имаме визија и јасен план за работа, заснован на длабински анализи вградени во програмата „Еден глас за Тетово“. Во овој мандат ќе изградиме нова модерна автобуска станица која ќе биде функционална, безбедна, интегрирана со мрежата на јавниот превоз. Ќе набавиме 5 електрични автобуси и 5 електрични минибуси со кои, покрај проширувањето на мрежата на градскиот превоз, ќе можеме да покриеме и превоз до планинските села. Со нив ќе го намалиме загадувањето и ќе придонесеме за поквалитетна животна средина во Тетово и за развој на туризмот во планинските села – истакна Касами.
Тој најави и други проекти за подобрување на квалитетот на воздухот и за животната средина.
– Предвидуваме еколошки-зелени постојки, кои ќе бидат лоцирани на клучни точки или на најпрометни точки во градот. Во согласност со планот за мобилност, правиме и посебна линија за јавен превоз и за велосипеди. Линијата ќе почне од постојката кај Универзитетот на Југоисточна Европа, преку булеварот Илинден до центарот. Од центарот продолжува кон булеварот Илирија, до раскрсницата со булеварот Благоја Тоска, до последниот кружен тек кај Градскиот стадион. Сите овие инвестиции и модернизација на јавниот превоз ќе ги направиме без да ги оптовариме граѓаните. Напротив, јавниот превоз ќе биде целосно бесплатен за сите граѓани – соопшти Касами.
Како што рече, „со второто поглавје на развојот“ што го планираат, Тетово ќе продолжи напред и „нема да се да се врати во времето на хаосот и неодговорноста“.