„БЕЗ СДСМ НЕМА БОРБА И НЕМА СЛОБОДА“ Филипче со критика до Мицкоски дека работи за олигарсите, а не за народот
Што има обичниот човек? Празна кеса од маркет, сметки што пораснаа и до 30%. Речиси три минимални плати денес не можат да стигнат за една потрошувчка кошничка, а камоли за сметките. Луѓето не се борат за подобар живот, тие се борат за преживување, рече претседателот на СДСМ на трибина во Велес.
Борбата која ја води СДСМ не е само политичка, туку човечка, за социјалдемократските вредности за достоинството на секој човек што живее од својата плата, за работничката класа, за младите што ја гледаат својата иднина дома и за пензионерите што заслужуваат сигурна старост, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче на трибина во Велес.
Тој нагласи дека сега е вистинскиот момент граѓаните повторно да се обединат и да ја изградат силата што ќе ја врати државата во рацете на народот.
– Да ја вратиме надежта дека во Македонија може да се живее чесно, со труд, со работа што се цени. СДСМ е движење за слобода, за правда и за еднаквост. СДСМ е партија која секогаш била со народот и без СДСМ нема борба и нема слобода – рече Филипче.
Тој нагласи дека 19 октомври ќе биде ден кога граѓаните ќе покажат дека не се плашат и ќе испратат јасна порака дека знаат кој работи, а кој лаже и манипулира.
Истакна дека за година и пол Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа тотална незаинтересираност за граѓаните, за мерки за подобрување на животниот стандард.
– Помина година и пол од оваа власт. Период во кој имавме сите доволно време да видиме со кој си имаме работа и кои политики ги носи оваа власт. Доволно време да сфатиме дека имаме ненародна, арогантна, но пред сè власт без чувство за потребите на луѓето. Ова е реалноста – порача Филипче.
Тој додаде дека СДСМ и како опозиција ги има истите политики за поддршка за граѓаните.
– СДСМ цела година нуди решение – минимална плата од 500 евра! Не популистички, туку со јасна методологија, со модел што веќе докажа дека функционира, ние покажавме дека државата може да расте и кога има кризи, ако има грижа за граѓанинот – истакна Филипче и додаде Албанија веќе ја покачува минималната плата на 520 евра, а во Србија минималната плата расте секоја година.
Тој ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека ги одби сите предлози на СДСМ што се во интерес на работниците.
– Имаше реални добри закони со кои се олеснуваше секојдневнието. Имаше пет иницијативи за покачување на платите, како минималната така и просечната во приватниот сектор. Што направи Владата? Ги одби сите иницијативи. Предложивме мерка и за компаниите да ги субвенционираат придонесите, за да не биде терет на компаниите, а сепак да има раст на платите. И тоа го одбија. За нив поважни се газдите и крупниот капитал, отколку работникот кој секој ден се мачи да стигне до крај на месецот. ВМРО-ДПМНЕ, заради интересите на неколку компании блиски до нив, ги остава работниците по страна. ВМРО-ДПМНЕ се плаши да им каже на големите компании: Време е да го почитувате трудот на работникот. За нив, 400 евра биле доволни. За пуленот на Мицкоски, Трајко Славески, и тие биле многу – рече Филипче.
Додека тие трошат за кампањи народни пари, луѓето се оставени на страна, додаде.
– Што има обичниот човек? Празна кеса од маркет, сметки што пораснаа и до 30%. Речиси три минимални плати денес не можат да стигнат за една потрошувчка кошничка, а камоли за сметките. Луѓето не се борат за подобар живот, тие се борат за преживување. И токму затоа оваа власт мора да се соочи со прашањето: за кого работат, за народот, или за олигарсите – нагласи Филипче.
Потоа, и на трибина на СДСМ во Свети Николе Филипче ја критикуваше политиката на ВМРО-ДПМНЕ, која, како што рече, создала систем на привилегирани и заборавени.
– Нашата борба не е против никого лично. Нашата борба е против неправдата. Против систем што ја заборави својата мисија да им служи на луѓето. ВМРО-ДПМНЕ донесе токму такво владеење – власт за себе и своите, услуги за најблиските, а игнорирање на потребите на граѓаните – рече Филипче.