„БОЈКО ЗБОРУВАШЕ ДЕКА ДАЛ ПАРИ, СЕГА ШТО ЛИ Е ВО ИГРА?“ За Мицкоски црвените линии на Венко се тројански коњ

Вчера го слушав Венко како се повикува на АСНОМ. А заборава дека тој и неговиот учител, ментор, се поплукаа на АСНОМ тогаш кога кажаа дека нашиот источен сосед за време на Втората светска војна во Македонија бил ослободител, бил администратор, а не окупатор, порача Мицкоски на денешните митинзи во Куманово и во Ѓорче Петров.

558

 

Триковите веќе не поминуваат. Погледнете каков подарок од СДСМ сега спремаат за Бугарија. Тој подарок е тројански коњ, убаво спакуван, со таканаречени црвени линии, а всушност тоа е ново попуштање кон нашиот источен сосед. Нова бонбона бизнис која СДСМ ѝ ја дава на нашиот источен сосед, рече ечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на народниот митинг во Куманово.






– Се сеќавам, не заборавам, дека поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДСМ, партијата на чие чело е Венко, и тоа директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица. Сега не сакам да верувам, но многу е логично дека повторно тропнале на истата врата и повторно се надеваат на ново куферче, а подарокот кој што нашиот источен сосед може да го плати е пробив одвнатре – нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси – нагласи Мицкоски.

Политичките трикови на СДСМ и на Филипче нема да поминат, рече Мицкоски и додаде дека нема да дозволи врз грбот на националните и државни интереси некои да градат политички кариери.

– Но, овој пат големата пречка за тоа сме ние, народот на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ, затоа што добро знаат дека тоа нема да дозволам да помине. Она што е непознато е само колку пари овој пат од кај нашиот источен сосед се слеале во раководството на СДСМ, за да излезат во јавноста со ваков предлог, па и бесрамно да го брендираат како резолуција со црвени линии. Зарем некој овде верува дека има малку патриотизам во СДСМ и ова раководство на СДСМ? Јас не верувам – рече Мицкоски.

Тоа што Венко е добар за нашиот источен сосед, за Македонците значи само едно – ново предавство, кое ние нема да го дозволам, категоричен е Мицкоски.

– Не постои цена, не постои ништо коешто може да го извалка овој образ. Јас ветувам само чесна работа и дека ќе биде тешко, но нема да биде срамно. Сите заедно одлучивме да го одиме тешкиот пат. Но, не и срамниот пат. Националните и државни интереси нема да бидат крчма над која тие ќе ги градат своите кариери, а овој пат народот ги знае сите нивни трикови и ќе загубат дебело на овие избори – рече Мицкоски на митингот во Куманово.

Претходно, на истата тема зборуваше и на митингот во Ѓорче Петров.

– Венко сака да ни објасни дека се грижеле за нашиот дом, а пред само 15 месеци немаше ден без скандал. Предавство по предавство правеа. Се грижеа за „нашиот дом“ така што ја клекнаа Македонија на колена. Прво беше промената на името, потоа договорот за пријателство со Бугарија, со кој ја отворија Пандорината кутија, што денес нè доведе до оваа ситуација до која што сме, а потоа следеше прифаќање на оној бугарски ултиматум. Вчера го слушав како се повикува на АСНОМ. А заборава дека тој и неговиот учител, ментор, се поплукаа на АСНОМ тогаш кога кажаа дека нашиот источен сосед за време на Втората светска војна во Македонија бил ослободител, бил администратор, а не окупатор. Дека јазикот ни „паднал од небо“ последните децении и дека нема историски континуитет. Не може Венко да се повикува на АСНОМ, а да не се огради од ова. Не може да бидеш од една страна партизан, а од друга страна соработник со окупаторите во Втората светска војна – порача Мицкоски од Ѓорче Петров.

На митингот во Куманово, Владо Мисајловски, кој беше носител на изборна единица 2 од ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори рече дека Куманово дополнително ќе биде град на можности.

– Вечерва сум тука со вас да испратиме порака. Куманово заслужува да биде град на можности, град на развој и град кој се гради со љубов, со посветеност и со визија. Потенцијалот е јасен, визијата е конкретна, а можностите за развој се реални и остварливи –  вели Мисајловски.

Мисајловски потенцираше дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ активно инвестира во сите општини, а ќе продолжи и во иднина, со цел обезбедување подобар живот, развојни можности и просперитетна иднина за сите граѓани.

– Заедно градиме иднина во која модерната инфраструктура ќе биде за сите, квалитетното образование и социјалната поддршка ќе бидат основа за развој и просперитет – рече тој.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Владимир Михајловски, носител на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во општина Куманово порача дека таа советничка листа се разликува од останатите, има луѓе кои природнѝи припаѓаат на Македонија, му припаѓаат на Куманово му припаѓаат на народот.

– Горд сум со луѓето што ги предводам, тоа се луѓе кои се истакнати професионалци, скромни но докажани во својата работа, во својата човечност. Со заокружување на бројот 9 гласате за планско проширување на градот и правилно урбанистичко уредување, гласате за повеќе слободни паркинг површини, изградба на катни гаражи и за ослободување на тротоарите, гласате за изградба на канализациони системи во населбите и за обновување и одржување на постојните, за изградба на нови спортски игралишта и за реновирање на постојните, гласате за субвенционирање на општинскиот спорт, за спортот на младите и за поддршката на локалните спортски клубови, гласате за борци за почиста животна средина, за почист воздух, за уредување на речните корита и за изградба на паркови и зелени површини, гласате за ваш советник, достапен во секое време, подготвен да ги прими и да ги разгледа вашите предлози – рече Михајловски.

 

Поврзани содржини