НИШТО ОД БАЛКАНСКИОТ ЕКОНОМСКИ ТИГАР НА МИЦКОСКИ Економијата е во пад, обвини Филипче
Сега е моментот повторно да се собереме, да се исправиме и да ја изградиме силата што ќе ја запре неправдата и ќе ја врати Македонија на граѓаните, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче на граѓанска трибина во Струга.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ не исполни ниту едно ветување за подобрување на економијата и на животниот стандард на граѓаните, рече вечерва претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Венко Филипче на граѓанска трибина во Струга.
– Христијан Мицкоски ветуваше дека македонската економија ќе била „балкански тигар“, ветуваше повисоки плати, повисоки пензии, нови вработувања. Што гледаме денес? Платите се топат, сметките за струја, за парно, растат. Животот на граѓаните е претворен во секојдневни калкулации што да купат, дали да купат или да ги платат сметките, односно како да го преживеат месецот – рече Филипче.
Тој додаде дека инфлацијата и натаму ја јаде куповната моќ, а ветената минимална плата од 500 евра сè уште не е реалност.
– Барањата за минимална плата од 500 евра остануваат неисполнети. Само за Мицкоски платите биле доволно високи. За неговиот пулен Трајко Славески оваа сегашна плата и таа била многу. Регионот веќе оди напред, државите преземаат мерки, за да си ги заштитат граѓаните. Албанија најави минимална плата од 520 евра, ние останавме на 400 евра – рече Филипче.
Тој посочи дека секојдневно економските параметри поради лошите политики на власта се негативни – странските инвестиции се преполовени, статистиката регистрира пад на индустриското производство, за 2,6% е намален бројот на вработени во индустријата.
– Сето ова е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ ја доведе економијата до колапс, што е далеку од нивните ветувања. Со ВМРО-ДПМНЕ и на локално и на централно нив, државата нема иднина – рече Филипче.

Тој напомена дека власта упорно доцни со повратот на ДДВ, нешто што законски им следува на компаниите и што е потребно за нормално работење и развој на производството.
– Со погрешните економски политики, ВМРО-ДПМНЕ ја влоши ликвидноста на компаниите. Околу 12.000 компании доцнат со исплата на плати, некои веќе почнаа да отпуштаат вработени – потенцираше Филипче.
Тој истакна дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои во услови и кога нема никаква криза не преземаат никакви мерки за заштита на стандардот на граѓаните, СДСМ за 7 години покажа што значи вистинска грижа за секој граѓанин и за приватниот сектор.
– СДСМ имаше седум години власт во кои што скоро секоја година беше некоја криза. Беше ковид криза, беше енергетската криза, економска криза. И во сите кризи покажавме со конкретни дела, со конретни чекори како се штитат граѓаните. Платите и во такви кризи растеа – рече Филипче.
Тој потсети дека СДСМ со 9 антикризни пакети во износ од 2,6 милијарди евра ги заштити граѓаните и им помогна на компаниите да бидат ликвидни.