ЕДС ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ЕНЕРГЕНСИТЕ Гасот во Европа поскап, струјата на македонската берза скокна
Струјата на МЕМО над 105 евра за мегават час, граѓаните предупредени да штедат, велат од ЕДС.
Просечната цена на електричната енергија за петок, 3 октомври 2025 година, на берзата HUPX во Унгарија изнесува 95,10 евра за мегават час, додека на Македонската берза за електрична енергија – МЕМО, цената достигна 105,21 евра за мегават час, информираат од компанијата ЕДС преку нивниот Инфо поинт.
Според објавените податоци, цената на електричната енергија во дневните часови од 9:00 до 15:00 часот (Power solar peak) на HUPX достигнала 61,21 евра за мегават час, додека на МЕМО истата категорија е пресметана на 92,44 евра. Воедно, цената на природниот гас на унгарската берза CEEGEX изнесува 34,24 евра, а на холандскиот индекс TTF Dutch – 31,46 евра.
Од ЕДС појаснуваат дека ваквите информации имаат важна улога за домаќинствата и компаниите при планирањето на буџетите.
– Информациите за движењето на цената на електричната енергија и природниот гас можат да помогнат домаќинствата да заштедат на своите сметки, а компаниите да носат информирани деловни одлуки со кои ќе ги намалат трошоците и ќе ги реализираат поуспешно своите бизнис планови – велат од компанијата.
Во ЕДС нагласуваат и дека е од особено значење граѓаните да практикуваат домаќинско трошење на електричната енергија и редовно да ги подмируваат своите сметки.
– Само со одговорен пристап и рационално користење на енергијата може да се зачува стабилноста во снабдувањето во услови на динамичен енергетски пазар – додаваат од компанијата.
Важна напомена, наведуваат од ЕДС, е дека податоците од МЕМО се со почетен датум од 10 мај 2023 година, а податоците за TTF Dutch Day-Ahead производот се презентирани почнувајќи од 1 јули 2023 година.