ЧУДО ВО АВИОНОТ НА „БРИТИШ ЕРВЕЈЗ“ Пилотот преживеа, иако до појас висеше надвор од кабината!?

Пилотот Тим Ланкастер, кој управуваше со авионот, за дел од секундата беше исфрлен низ прозорецот. Херој на приказната беше стјуардот Најџел Огден. Случајно се најде во кокпитот во моментот на несреќата и, без двоумење, го зграпчи пилотот за нозете.

271

На 10 јуни 1990 година, патниците на летот 5390 на „Бритиш Ервејз“ помислија дека нема живи да излезат од авионот со кој летаа над Оксфордшир. На висина од над 5.000 метри, предното ветробранско стакло на пилотската кабина се откачи од рамката, предизвикувајќи експлозивна декомпресија и хаос во авионот.

Пилотот Тим Ланкастер, кој управуваше со авионот, за дел од секундата беше исфрлен низ прозорецот. Силата на воздухот го извлече неговото тело надвор од авионот, до половината, но само ременот, како и брзата реакција на екипажот, го задржаа за авионот. Главата и телото му удираа во телото на авионот, а патниците во кабината никогаш нема да ја забораваат таа сцена.






Херој на приказната беше стјуардот Најџел Огден. Случајно се најде во кокпитот во моментот на несреќата и, без двоумење, го зграпчи пилотот за нозете. Повеќе од 20 минути Огден се бореше со ветровите и студот, одбивајќи да го пушти, иако верувал дека Ланкастер веќе е мртов. Стравот бил дека ако го пушти, телото ќе удри во моторот или во крилото, по што авионот сигурно ќе се урне.

Во меѓувреме, копилотот Алес Џон Хјуард ја презел контролата над леталото. Тој успеал ладнокрвно и стручно да го приземји авионот на аеродромот во Саутемптон. Сцената во кокпитот остана вистински подвиг – мешавина од паника, храброст и неверојатна издржливост.

И покрај драматичниот пад на температурата и притисокот, и покрај силните удари врз телото, пилотот Ланкастер сепак преживеа. Имаше тешки повреди – премрзнатини, повеќекратни скршеници на рацете и последици од ударите,  но се врати во живот. Стјуардот Огден, пак, заврши со промрзнатини на лицето, повредено око и ишчашено рамо.

Подоцна истрагата утврди дека дека причината за катастрофата биле погрешно поставените завртки при последната замена на стаклото во кабината. Завртките биле со погрешна должина и дијаметар, што предизвикало нивно попуштање при повишениот притисок во кабината на голема височина. Тоа е класичен пример како мал технички пропуст може да предизвика голема трагедија.

Летот 5390 остана запаметен како едно од најголемите чуда во историјата на авијацијата – приказна за невиден хорор на небото, кој сепак завршува во неверојатна храброст, човечка истрајност и среќен крај. Овој случај денес се изучува во сите авијациски училишта како пример за реагирање во кризни моменти. Тој ја покажува важноста на обуката за екипажот и способноста да се реагира во стресни ситуации. Стјуардот Огден остана запаметен како херој, а капетанот Ланкастер како човек кој чудесно преживеал невозможна ситуација.

Овој инцидент влијаеше и на регулативите во авиосообраќајот – производителите на авиони и одржувачките служби воведоа построги стандарди и проверки при замената на делови. Денес, завртките што го држат стаклото во кокпитот се проверуваат во повеќе нивоа на контрола, токму како резултат на драматична сцена што се одигра тоа јунско утро над Англија.

 

Поврзани содржини