НА ПРОПАГАНДАТА НА СДСМ СЕГА НЕ Ѝ ЧИНИ И ДЕНКО МАЛЕСКИ Бранко Тричковски решил началнички да го дисциплинира

Денко Малески секогаш бил заговорник на реалполитиката како доминантен дискурс во меѓународната политика. Тоа не многу луѓе не им се допаѓа, особено кога неговите ставови директно ја засегаат Македонија. Но, одлучноста на Малески доследно да го промора својот став анализирајќи ја и војната во Украина очигледно го вознемирило самонареченото либерално-прогресивно „граџанство“ на СДСМ. До таа мера што Тричковски се обидува да креира „Случај Малески“.

1,094

Професорот Денко Малески, познат по своите ставови кои го фаворизираат дискурсот на реалполитиката во меѓународните односи, ставови кои често на многумина не им се допаѓаат, а особено кога се однесуваат на Македонија, изгледа дека ѝ брцнал во око и на пропагандата на СДСМ. Првото перо на сдсмовската пропаганда, Бранко Тричковски, добил, или можеби си доделил, задача началнички да го дисциплинира професорот и да му држи лекции.

Но, пред да споделиме дел од тезите на Тричковски, да видиме со што Денко Малески толку многу го возбудил самонареченото прозападно либерално „граџанство“, до толку што јастребите на пропагандата на СДСМ, среде изборна кампања, му посветуваат значајно внимание.






Што им згреши професорот?

Како што е познато, Малески, кој долго време објавуваше колумни во Плусинфо – и ако смееме да забележиме, никогаш не беше изложен на вакво дисциплинирање – сега ги објавува своите колумни на порталот Либертас. Во последната колумна под наслов „Украина: катастрофалната грешка на нашиот сојуз на демократии“, професорот изнесува ставови кои отстапуваат од официјалната „доктрина“ за војната во Украина што упорно ја форсираат т.н. либерално-прогресивни кругови во Европската Унија, до неодамна под силно влијание на Бајденовата администрација.

Потсетувајќи на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година (кога Македонија доби вето од Грција), професорот Малески објаснува: „На самитот беше кажано и запишано дека Украина ќе биде идната членка на НАТО. За таа одлука, Ангела Меркел, германската канцеларка, ќе рече дека е рамна на објавување на војна на Русија. Сепак, таа и Саркози, францускиот претседател кој беше на истото мислење, не се спротиставија со вето и решија да го следат американското водство.Тука почна кризата во односите меѓу Америка и Русија“.

Потсетувајќи дека во годините потоа беше третирана „како бензинска пумпа со нуклеарно оружје“, Малески додава: „Русија, во очите на Западот, го загуби правото да се меша во одлуките на народите од своето најблиско соседство. Заборавена беше една од првите лекции на реалистите, дека мораат да се земат безбедносните стравови на другата страна ако се сака мир меѓу нуклеарните држави. И се додека Русија беше слаба, Америка не мораше да ги зема предвид нејзините безбедносни грижи“.

„Америка – објаснува професорот – продолжи со проширувањето на НАТО. Така, во неколку последователни бранови, наспроти приговорите од Москва и ветувањата од Западот во деведесеттите дека НАТО нема да се прошири на исток ‘ниту за еден инч’, претседателот Клинтон го отпочна процесот на проширување на сојузот кон границите на Русија (…) Но, Русија ја постави дефинитивно својата црвена линија на НАТО проширувањето со Украина и кога продолжи тој процес изврши инвазија на земјата во февруари 2022. И најголемите критичари на политиките на Америка и на Европа ја осудија руската агресија, но додека некои, до ден денешен, останаа само на осуда, други се обидоа да ги објаснат причините за војната…“

Во својата завршна и клучна теза, Малески вели: „Сегашната закана од нуклеарен конфликт околу Украина може да се отклони само ако Западот ги препознае легитимните грижи на Русија за својата безбедност. Но, нашите умови сеуште мислат како да сме во униполарниот момент, кој, патем кажано, беше толку добар кон Македонија, а не во еден нов мултиполарен свет во кој моќта не е само во еден центар туку во неколку“.

„Папагалите“ од пропагандата на СДСМ има зошто да бидат вџашени

Тие што внимателно ги читаат колумните на професорот Малески – а авторот на овие редови е еден од нив – знаат дека ова не е прв пат тој да изнесува вакви ставови за војната во Украина. Така, на пример, во колумна под наслов „Изгубените животи во Украина и запустените во Македонија“ тој на 1 септември годинава, меѓу другото, украинската приказна ја нарече „губитничка“, додавајќи дека „можеше и нивната приказна да биде победничка да немаа толку ‘херои’ на чело на државата кои не ги признаваа реалностите на меѓународната политика и местото на нивната држава во натпреварот помеѓу големите сили“.

„Денес Украина ќе беше цела, не ќе искусеше војна и ќе беше некоја форма на федерација. Да, ќе беше неутрална зашто моќниот сосед, Русија, членството на Украина во НАТО го смета за ‘егзистенционална закана’ за нивната држава, народ или режим сеедно. Тоа е од оној вид закана заради која политичари ги водат народите во војна. И наместо да се држи до изборните ветувања за мир, првата работа која ја направи новоизбраниот претседател Зеленски беше заострување на односите со руското малцинство во Донбас преку укинување на јазичните права. Сојузот на Зеленски со украинските националисти (па и нацисти, знаеме сега) само ги зајакна врските на руското население во Украина со Москва“.

Јасно е дека ваквите ставови на Малески не се совпаѓаат со ставовите на пропагандистите на СДСМ, кои и понатаму упорно ги преџвакуваат старите наративи на Бајденовата пропаганда. Инаку, нема никаква суштинска промена на ставовите на професорот, бидејжи тој е доследен на своето разбирања на реалполитиката како „рамнотежа на стравот“ и на својот став дека сите, а особено помалите и нејаки држави, треба да разберат дека силата е клучен фактор на меѓународната политика.

Затоа професорот секогаш инсистирал послабите да покажуваат поголема спремност за компромиси и врз таа основа често ја критикувал нашата македонска надворешна политика. Тоа упорно го прави и сега. Но, ете, тоа што е доследен критичар на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, како да не е доволно, па пропагандата на СДСМ решила да го дисциплинира преку своето најсилно перо – острото перо на познатиот македономрзец Бранко Тричковски.

Се отвора ли „Случај Малески“?

Во пост на Фејсбук под наслов „Малески“ – креира ли пропагандата на СДСМ „Случај Малески“? – Тричковски началнички му се обраќа на професорот со „Денко“ и му вели: „Денко, НАТО не се шири на исток, туку земјите од исток сакаа и сакаат да влезат во НАТО“. Како да не постои нешто што во НАТО и во ЕУ се вика „политика на проширување“…

Тричковски го обвинува професорот дека ги прескокнува „неверојатните грозотии на руската агресија“ и безобразно му подметнува опасна теза, божем прашувајќи го: „Дали твојот пристап ѝ дава на Москва право да ја нападне Романија, Финска, Шведска, Латвија, Естонија, Литванија, Бугарија и,конечно, машата мала вморонска Маседонија?“.

Веројатно свесен дека сепак е на „гостински терен“ и дека се обидува да дисциплинира професор кој со докажана ерудиција и со доследност брани сфаќања за меѓународната политика повеќе од три децении, својот трактат за Малески началникот Тричковски го завршува снисходливо и во својот стил, лигаво и невоспитано: „Не сакам да полемизирам. Но, би сакал да знам дали си ок. Поздрав и убави желби“.

Поврзани содржини