МИТЕСКИ НАЈАВИ ГАСНА ЦЕНТРАЛА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ Ќе се зајакнат инспекциите за да не се создаваат нови депонии
Во врска со решавањето на проблемот со депонијата Вардариште, Митески рече дека за тоа ќе биде потребна поддршката од Град Скопје.
Дејан Митески, кандидат за градоначалник на општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, беше гостин во емисијата Студио 10 на телевизија 24. Митески зборуваше за загадувањето при што истакна дека тоа е еден комплексен проблем. Како што вели тој, ВМРО-ДПМНЕ има изработено програма со цел да се реши проблемот со загадувањето, меѓутоа, кога станува збор за депонијата Вардариште, потребна ќе биде и поддршката од Град Скопје, за да се реши проблемот со неа.
– Претпоставувам дека сме единствената политичка партија која што има изработено програма. Предвидуваме решавање на еден аспект од загадувањето со изградба на топлификациона мрежа, проект со Владата на Македонија за изградба на гасна когенеративна централа и развој на 110 км топловодна мрежа во населба Лисиче, Горно Лисиче, Долно Лисиче. Ќе отстраниме во наредниот период еден дел од причините за загадувањето – рече Митески.
Митески се осврна и на сообраќајот и истакна дека предвидена е изградба на нова сообраќајна инфраструктура.
– Предвидуваме изградба на нова сообраќајна инфраструктура, нови поврзувања кои што ќе го олеснат сообраќајот и ќе го намалиме загадувањето од возилата. Предвидуваме решавање на депонијата Вардариште, заедно со градоначалникот на Град Скопје, имајќи предвид дека ни е неопходна поддршката од Град Скопје, за да можеме конечно да ја исчистиме таа депонија. Да изградиме нов парк и таа депонија да стане минато, а новиот парк да биде симбол на тоа дека ги слушаме граѓаните, се бориме заедно со нив и предвидуваме односно имплементираме решение – рече тој.
Митески додаде дека постојано се чисти и дневно повеќе од 10 тони отпад се депонираат во депонијата Дрисла.
Тој најави дека ќе се зајакнат инспекциските служби за да не создаваат диви депонии. Ќе се отвори дежурна линија за пријавување на диви депонии и ќе се формираат тимови за интервентно чистење на диви депонии кои што се создаваат секојдневно.