ДОЛГО БЕШЕ СТРУГА ВО РАЦЕТЕ НА ЛУЃЕ БЕЗ ЧУВСТВО НИ ЗА СВОИТЕ, НИ ЗА ТУЃИТЕ Локалната власт со помош на централната ќе направи многу, порача Сајкоски
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски ги повика сите стружани на овие локални избори да направат референдумско гласање во Струга и со тоа да се поразат сите политички чинители и да се даде нова надеж на градот, да се гради со поддршка од централната власт и да стане посакувана туристичка дестинација.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, барајќи ја довербата од вевчанци својот глас на локалните избори да го дадат за кандидатот Спасе Кочовски и за советничката листа предводена од Леон Даскалоски, забележа дека во Вевчани живее честит и гостопримлив народ, кој знае како се сака и чува Македонија.
– Ова се избори за тоа како како сакате да продолжи да се развива општината, затоа што во Вевчани не е само културата, важен е и духот кој го носите во себе, тука се и маалата, улиците, природата, зелените површини. На овие избори одлучуваме за микро светот во кој пораснавме, во кој се гради карактерот на секој еден од нас – рече Мицкоски.

На Вевчани, нагласи тој, му треба домаќинско работење, а Кочовски покажал како се работи чесно, одговорно и посветено.
Генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајковски повикувајќи ги вевчанци довербата да му ја дадат повторно на Кочовски и советничката листа на ВМРО – ДПМНЕ, посочи дека централната власт ќе ѝ стои на располагање на локалната власт и оти заеднички ќе направат многу.
– Заеднички ќе направиме и тоа што не е ветено, заеднички ќе ги задоволиме вашите потреби, заеднички ќе изградиме и доградиме она што не успеа во претходните три години кога немаше поддршка од централната власт – рече Сајковски.
Кандидатот и актуелен градоначалник Кочовски посочи дека пред 4 години застанал пред сограѓаните со јасна и чиста заложба дека ќе работи за доброто на секој.
– Ветив дека Вевчани ќе биде општина за сите, без поделби, без предрасуди, без разлика на партиска припадност, убедливост или различност. Денес по 4 години можам гордо да застанам пред вас и да кажам дека ветеното го исполнив. Нашата визија за Вевчани е поголема од 4 години. Нашата визијае за иднината во која младите остануваат тука, а секој жител се чуствува сигурен, перспективен и достоинствен. Затоа денес повторно ја барам вашата доверба, не како градоначалник, туку како човек кој ќе ја оправда вашата доверба. За да ги завршиме започнатите проекти, но и за да отвориме нови перспективи со цел да го направиме Вевчани пример на локална самоуправа, која навистина работи во интерес на народот – истакна Кочовски.
Потсетувајќи на реализираните проекти во изминатите четири години, тој вети дека приоритет ќе остане инфраструктурата, но ќе се инвестира и во повеќефункционално игралиште, реконструкција на старата кино сала, доградба на градинката, како и нови и водоводни и канализациски линии. Вети инвестиции и во културата со акцент на вевчанскиот карневал, како и во здравството со реконструкцијата на ЈЗУ „Здравствен дом“.
Потоа, на денешниот митинг во Струга генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Сајкоски истакна дека со преземањето на одговорноста да ја води Владата, ВМРО-ДПМНЕ покажа како за кратко време, односно за година и половина може да се направат многу проекти кои го подобруваат животот на граѓаните.
Сајкоски порача дека од новите советници на Општина Струга, како и од стружани кои се директните учесници во извршната власт се очекува да испорачаат проекти кои во градот ќе направат услови за подостоинствено живеење.
Додаде дека е време Струга да добие надеж за подобра иднина, надеж за развој, надеж за пораз на криминалот и корупцијата.
– Долго време Струга е во рацете на луѓе коишто немаат чувство ни за своите, ни за туѓите. Во рацете на оние коишто се борат само за себе, но, за да ги поништат сите други, во рацете на оние коишто тонат во криминал и коишто направија огромна штета и за Струга и за сите општини со кои раководат. ДУИ направи штета и за своите, и за Албанците, и за Македонците, Турците, Ромите и другите граѓани и во Струга и во другите региони – истакна Сајкоски.
Сајкоски ги повика сите стружани на овие локални избори да направат референдумско гласање во Струга и со тоа да се поразат сите политички чинители и да се даде нова надеж на градот, да се гради со поддршка од централната власт и да стане посакувана туристичка дестинација.
Коста Хиохи, носител на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ за Струга истакна дека нудат конкретна програма со проекти и визија за Струга која нуди подобар и поквалитетен живот за сите граѓани.
– За Струга која некогаш беше град на поезијата и бисер на двете води, а стана град на диви депонии, криминал, дивоградби, локални шерифи и корупција. Дивата депонија за која општината троши баснословни суми ја контаминира целата општинска територија, подземните води, реката Црн Дрим, ни го контаминира воздухот кој директно влијае за загрозување на животите на сите нас. Со изборот на новиот градоначалник и Советот на општината, ќе иницираме конзервирање на дивата депонија до нејзина конечна дислокација. Набавка на нови соодветни возила за транспорт на селектираниот отпад. Паралелно на тоа, ќе извршиме ревизија на функционалноста на водоводната мрежа и детекција и санација на дефектите, но и на дивите приклучоци, при што ќе се изврши ослободување на мрежата и зголемување на нејзината функционалност и капацитет. Ќе обезбедиме средства за заживување на старата струшка архитектура. Исто така се обврзуваме да се избориме за градба на катни гаражи со преку 300 возила во најфреквентните делови на градот, со цел да го решиме проблемот со сообраќајниот хаос – изјави Хиохи.
Хиохи укажа дека со масовна излезност на граѓаните и со заокружување на бројот 9, граѓаните гласаат за промени, за проекти и за развој на општина Струга.