ВИСТИНА ИЛИ ЛЕГЕНДА? Анегдотата за инженерот кој наплатил 1 долар за да го заврти шрафот и 9.999 долари за „знаењето“

Според приказната, Чарлс Протеус Штајнмец, познат инженер и математичар од почетокот на 20 век, тој успеал да го поправи генераторот во фабриката на Хенри Форд за само неколку минути. За ова издал сметка од 10.000 долари, но со необичен опис: 1 долар за завртување на шрафот и 9.999 долари за знаењето каде да се заврти.

139

Во инженерските кругови со децении кружи една анегдота за Чарлс Протеус Штајнмец, славен инженер и математичар од почетокот на 20 век.
Според приказната, тој успеал да го поправи генераторот во фабриката на Хенри Форд за само неколку минути. За работата издал сметка од 10.000 долари, но со необичен опис: 1 долар за завртување на шрафот и 9.999 долари за знаењето каде да се заврти.
Сепак, важно е веднаш да се напомене – станува збор за позната анегдота која нема цврст историски доказ, туку повеќе служи како илустрација на вредноста на експертизата.
Чарлс Штајнмец бил вистински гениј, човек кој и покрај физичките ограничувања – низок раст и тешка грба – оставил трага како „волшебникот од Скенектади“. Тој работел во „Џенерал Електрик“ и развил бројни теории за електрични мотори и генератори, станувајќи еден од најпочитуваните инженери во САД. Во таа смисла, не е чудно што приказните околу неговата личност добиле митолошка димензија.
Некои медиуми ја пренесуваат анегдотата како вистинска случка од 1910-тите или од почетокот на 1920-тите години. Се тврди дека Фордовиот генератор бил толку комплициран што сите инженери кои работеле за компанијата се откажале, а единствено Штајнмец можел да го реши проблемот. Тој го слушал бучењето на машината, правел белешки и на крајот со парче креда означил едно место. Откако работниците го отвориле токму таму, генераторот повторно проработел.
Она што приказната ја прави уште поатрактивна е сметката што наводно ја испратил: „За завртување на штрафот – 1 долар. За знаењето каде да се заврти – 9.999 долари“. Таа реплика подоцна станала симбол на вредноста на интелектуалниот труд и често се користи како пример во бизнис и мотивациски предавања.
Магазинот „Смитсониан’ ја наведува анегдотата, но со голема резерва. Магазинот посочува дека таа првпат се појавува во писмо до уредникот на магазинот „Лајф“,каде авторот тврдел дека ја слушнал од својот татко, кој работел во фабриките на Форд. Сепак, не постои сметка или документ што би го потврдил настанот.
Историските форуми укажуваат дека ако нешто слично се случило, тоа можело да биде меѓу 1917 и 1923 година, пред смртта на Штајнмец. Но дури и таму, историчарите признаваат дека приказната повеќе личи на апокриф отколку на факт.
Сепак, и покрај отсуството на цврст доказ, анегдотата за Штајнмец живее и денес. Таа го претставува инженерот како симбол на умот над материјалното, како човек кој со едноставен потег може да реши проблем што другите не можат. Затоа, оваа приказна не треба да се гледа толку како историја, колку како метафора. Таа ја нагласува вредноста на знаењето и експертизата, порака која и денес е актуелна во време кога често се потценува интелектуалниот труд наспроти физичката изведба.

 

Поврзани содржини