„ПО ИЗБОРИТЕ ЌЕ НЕМА КОРЕКТНОСТ ЗА ДЛАБОКАТА ДРЖАВА ВО ПРАВОСУДСТВОТО“ Едвај до 130.000 гласа ќе освои некогаш големиот СДСМ, вели Мицкоски

Правосудството стана главното упориште на неправдите во државата, таму ќе ги најдете аргатите на системот кој го поразивме и нивните заштитници. Последната брана за правдата во Македонија, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митинг во салата „Јане Сандански“ во Аеродром.

217

Промените се видливи во многу сектори, меѓутоа, правосудниот сектор и понатаму останува најголема пречка во земјава, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на првиот  голем предизборен митинг што се одржа вечерва во преполната спортска сала „Јане Сандански“ во Аеродром.

– Овие година и половина секаде започнавме со промени, со заздравување на атрофираниот и заболен систем во распаѓање, и секаде вложуваме труд, од образование, здравство, до економија и земјоделие. Промените се чувствуваат: некаде има повеќе резултати, некаде тие се со послабо од очекуваното темпо, но секаде правиме промени. Морам да признаам дека не сум задоволен од функционирањето на правосудниот систем, кој стана главното упориште на неправдите во државата, таму ќе ги најдете аргатите на системот кој го поразивме и нивните заштитници. Последната брана за правдата во Македонија. И ќе бидам брутално искрен околу дебатата што ја наметнуваат, како сум можел да кажам дека платите на судиите и обвинителите не ги заслужувале. Со чест на исклучоци, сметам дека не само што не ги заслужуваат, туку им се и преценети во однос на тоа колку испорачуваат правда – рече Мицкоски.






Мицкоски истакна дека по изборите нема да има ниту политичка коректност, ниту правна толеранција за структурите кои функционираат како длабока држава и кои го штитат криминалот. Додаде дека следуваат реформи кои ќе обезбедат правична држава и држава на народот без поделби и паралелни системи.

– Клановската екипираност и нивните отворени релации ги направија да се ѕид на правдата и штит на криминалот на апаратот што го менуваме. Сакам да најавам дека после локалните избори нема да има ниту политичка коректност, ниту правна толеранција кон структурите што функционираат како длабока држава во одбрана на криминалот. Следуваат реформи за кои знам дека некои платени мегафони ќе паѓаат во несвест, но овој пат мора да не биде. Не може веќе правдата да чека, ниту да функционираме во две паралелни, нееднакви Македонии. Доаѓа времето на правда, а Македонија ќе биде само една, таа на народот, таква каква што ја заслужува. Има само една Македонија. Македонија на народот – рече Мицкоски.

 

Тој се осврна на, како што рече, договорот под маса на Венко Филипче и неговиот ментор од Струмица со градоначалник на црна листа за корупција на скопска општина и истакна дека ваквите непринципиелни коалиции ќе бидат поразени.

– Тој таен договор за поддршка што се препознава од Месечината. Проформа, СДСМ извадија кандидат за градоначалник во Карпош, што ни самите не ја препознаваат, ниту ја поддржуваат, ниту пак ја рекламираат. Да направат анкета – членовите на нивната партија ни името на жената не ѝ го знаат. Ја пуштија низ вода, за да асот во Карпош на Венко мисли дека ќе победи. Истите луѓе, со истите вредности. Веднаш штом ја напушти коалицијата, Стевчо отрча да коленичи во Струмица да се разбере со тогашната влада на СДСМ и ДУИ, а со него е лесно да најде човек заеднички јазик. Кога станува збор за интерес тој прв е подготвен да склучи пакт. Ваквите непринципиелни коалиции нема да успеат и ќе бидат поразени. Зошто? Зашто и првиот договор и вториот се рефлексија на безидејноста во која овие партии тонат. Не се реформираа. Останаа заглавени и верни на бизнисите и тендерите, и затоа се сојузуваат – за да ги спасат своите кариери. И овие сценарија се полесниот начин да избегаат од реалноста дека на овие избори ќе паднат уште повеќе и едвај ќе се држат на 120.000 до 130.000 гласа поддршка. Некогаш големата и според нив државотворна СДСМ спадна на рамниште да прави пактови под маса за да опстане. Но народот, овој пат – на овие избори – ќе им свири крај. Бидете сигурни – истакна Мицкоски.

Мицкоски посочи и на новото додворување на СДСМ и Филипче кон Бугарите на штета на Македонија.

– Втората работа што сакам да ја посочам е оној подарок на Венко за нашиот источен сосед – нов „бонбона-бизнис“. На времето, неговиот ментор, кога беше во прашање името, ни го спакува во метафората „да не му ја чепкаме жицата на гитарата“. Демек, тој многу се грижел за името, кое на бездушен начин ни го промени. Сега гитарата се вика „црвените линии“ на Венко, спакувани во еден документ кој што тој го нарече, резолуција. Сте се запрашале ли зошто зборува за црвени линии, кога тој самиот нè убедуваше дека францускиот предлог е најдобриот што постои и не може подобар да биде? Па сега вели дека тој документ наречен резолуција, бил „најпатриотскиот документ“ било кога направен. Дојде време ова СДСМ да збори за патриотизам – верувале или не. А што била опцијата? Ако не сме го сменеле Уставот како што сака Венко – да не сме преговарале веќе за ЕУ? Добро, во ред – но кое е решението што ни го дава Венко? Кому треба сега овој негов предлог да служи? Јасно е дека ова е некое ново додворување на СДСМ кон нашиот источен сосед, на штета на Македонија. Но сакам да им биде јасно и на нив и на оние од кај нашиот источен сосед, тоа јас нема да го дозволам, за мене и за оваа македонска влада, постојат само македонски црвени линии, треба тоа да ви е јасно. А тоа се македонските државни и национални интереси – истакна Мицкоски во обраќањето на митингот во спортскиот центар „Јане Сандански“.

Поврзани содржини