СКОПЈЕ ЌЕ ИМА БРЗ И СОВРЕМЕН ГРАДСКИ ПРЕВОЗ Нема да бидам нем набљудувач, порачува Димитровски
Целта е јасна - нов концепт на јавен превоз со флота на чисти, нови, климатизирани автобуси, почести ротации и дигитализиран, предвидлив систем, како и повеќе правци и линии кон секој дел од градот, рече Даме Димитровски, носител на листа на советници во Советот за Град Скопје на вечерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ.
Доаѓа време за промена, која ќе се темели на визија, план и конкретни политики, рече Даме Димитровски, носител на листа на советници во Советот за Град Скопје на вечерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во спортската сала „Јане сандански“ во Аеродром.
Тој говореше за деветте столбови на платформата како што се чист воздух, чист град, модерен превоз, јавни простори, велосипеди и мобилност, безбеден сообраќај, култура, иновации и чесно управување.
Димитровски се осврна на градскиот превоз, нагласувајќи дека јавниот превоз не го следи развојот на Скопје и потребите на скопјани и додаде дека целта е да се создаде брз и современ градски превоз во служба на граѓаните.
– Секое утро илјадници заглавуваат во хаос, превозот не е во служба на граѓаните. Затоа, целта е јасна: Нов концепт на јавен превоз: флота на чисти, нови, климатизирани автобуси, почести ротации и дигитализиран, предвидлив систем, повеќе правци и линии кон секој дел од градот – нагласи Димитровски.
Димитровски истакна дека граѓаните заслужуваат да живеат достоинствено, со нови проекти, со реални решенија и конкретни чекори што ќе го подобрат секојдневието на сите граѓани.
– Ова не се само зборови на хартија – ова се нашите работни задачи – рече меѓу другото Димитровски.