РУСИЈА МИСЛЕШЕ ДЕКА ЌЕ РЕАГИРАМЕ ПЛАШЛИВО НА НИВНИТЕ УПАДИ СО ДРОНОВИ Се случи спротивното, рече полскиот министер за надворешни работи
Сите беспилотни летала што го нападнаа воздушниот простор на европските земји во последните недели доаѓаа од истото место, различно од оние што одеа во Украина, рече министерот за надворешни работи на Полска, Радослав Сикорски.
Упадите на руските беспилотни летала имаа за цел да ги тестираат европските земји без всушност да предизвикаат војна, изјави денеска шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски.
Зборувајќи на Варшавскиот безбедносен форум, Сикорски рече дека сите беспилотни летала што го нападнале воздушниот простор на европските земји во последните недели „доаѓале од истото место, различно од оние што оделе во Украина“.
– Дизајните на беспилотните летала беа различни, тие беа невооружени, но со дополнителни резервоари за гориво наместо боеви глави -рече Сикорски.
Тој ги пофали одговорите на земјите на упадите на беспилотните летала.
– Мислам дека Русите направија уште една грешка затоа што мислеа дека ќе нè поделат, дека ќе реагираме плашливо и ќе ја намалиме поддршката за Украина, но се случи спротивното – рече Сикорски.
Како одговор на сè почестите закани, НАТО објави зајакнување на својата мисија во Балтичкото Море со испраќање фрегата за воздушна одбрана, како и дополнителни средства за следење и надзор.
Алијансата, исто така, овој месец ја почна мисијата Источна гарда за зајакнување на одбраната на источното крило на Европа, како одговор на руските упади со беспилотни летала во полскиот воздушен простор.
Русија ги негираше обвинувањата дека нејзините беспилотни летала и борбени авиони го нарушиле воздушниот простор на земјите од НАТО.