ЦРНАТА ПРОПАГАНДА НЕ ГИ РЕШАВА ПРОБЛЕМИТЕ Лабудовиќ апелира за фер кампања во која ќе се натпреваруваат со идеи за Центар

Мојата визија за Центар е почиста, еколошки ефикасна, побезбедна, урбано и плански средена општина. Општина со светли улици, слободни тротоари, со нови катни гаражи и повеќе паркинг места, вели кандидатот за градоначалник на Центар од Движењето ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ.

368

Центар да биде чист, безбеден, зелен, со ред во урбанизацијата и пример како треба да се води една општина, ова се програмските цели и приоритети на кандидатот за градоначалник на Центар од Движењето ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ.

Тој најави дека со негивиот тим ќе понудат суштински решенија и ги повика опонентите на фер изборно соочување, а тој лично ќе се придржува кон тој принцип во континуитет.






– Ова треба да биде натпревар на идеи и проекти за подобрување на секојдневнието на животот на граѓаните. Центарци да изберат кој ќе биде нивниот фаворит на крајот од трката. А, не арена во која со црна антипропаганда на лична основа ќе се собираат евтини политички поени, кои на крајот нема да ги подобрат условите за сите што живеат и престојуваат во Општината – порача Лабудовиќ.

Тој нагласи дека неговиот личен мотив и момент зошто влегол во трката за прв човек на Центар е затоа што навистина верува дека тој и неговиот тим се подготвени да ги променат нештата и да го вратат духот на Центар, кој години наназад е сотрен.

– Во нашиот Центар владее хаос – урбанистички, сообраќаен, комунален, еколошки. Не смееме да дозволиме тоа да продолжи! Маалскиот живот е замрен, детските катчиња „плачат“ за обнова, парковите и зеленилото исчезнуваат, а и тие што постојат не се одржуваат. Луѓето се движат по валкани улици, покрај преполни контејнери од кои се шири смрдеа, по тротоари преполни со паркирани возила. Навечер најчесто се чувствуваат како во хорор филм, движејќи се по темни и небезбедни улици. Родителите секое утро стравуваат дали нивните деца се движат безбедно до училиштата – рече тој.

Центар, вели тој, стана тешко место за живеење, особено за децата и младите, за повозрасните, за лицата со попреченост. Состојба која без одлагање мора да се промени, а работите да почнат да се движат во вистинска насока.

– Време е за промена! Време е од Центар да направиме целосна спротивност од оваа слика. Мојата визија за Центар е почиста, еколошки ефикасна, побезбедна, урбано и плански средена општина. Општина со светли улици, слободни тротоари, со нови катни гаражи и повеќе паркинг места. Општина која ќе биде шампион во транспарентност, нон-стоп достапна и отворена за граѓаните. Општина во која ќе „царуваат“ културата и спортот, во која од училиштата ќе направиме образовни оази, а на младите ќе им понудиме перспективност – поентира Лабудовиќ.

Тој најави дека Општината, откако тој и неговиот тим ќе го преземат во свои раце управувањето, ќе стане место со модерна инфраструктура – со ред, пристапност и безбедност за сите. Центар ќе биде почист, позелен, поурбан и побезбеден, порача Лабудовиќ.

 

Поврзани содржини