ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ЗАТВОРЕНИЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ПОВРАТНИЦИ Ни за 30% повисока плата, лекари не сакаат да работат во затвор

По локалните избори ќе се вработат десет нови луѓе во Идризово во делот на ресоцијализација, најави директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.

2,461

Стапката на ресоцијализација на затворениците е релативно ниска, вели директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, посочувајќи дека кадарот што работи на ресоцијализација во затворите е обучен и подготвен.

Многу ниска стапка на ресоцијализација






Има затвори каде има персонал, но на пример во Затворот Идризово има одделенија каде со неколку стотини затвореници работи само еден човек за ресоцијализација.

– Има стандарди, треба да бидат 30 до 50 лица. Има затвори каде што тој е соодносот, меѓутоа во Идризово не е. Сега беше прекинат огласот, а по локалните избори десет нови луѓе ќе вработиме во Идризово во делот на ресоцијализација – најави Пандов.

Според статистиката, за 2023 година, бројот на повратници во затворите е некаде околу 67-68 проценти.

– Тоа значи дека ние имаме никаква или многу ниска стапка на ресоцијализација – изјави Пандов, одговарајќи на новинарски прашања пред јавната расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите.

Тој посочи и дека треба да се работи и на заживување на затворските економии, за што, како што рече, веќе се прават напори и чекори.

– За жал, ние како затворски систем имаме огромна работна сила, а не ја користиме. Со самото тоа, кога би се смениле тие прилики, а тоа низ пракса е веќе видено во други држави, дека немал дел од економските потреби, затворите ги обезбедуваат од сами себе, од сопствените економии – изјави Пандов.

Тој вели дека ситуацијата не може да се смени преку ноќ, зашто наследиле многу лоша состојба.

Со предлог измените на Законот за извршување на санкциите се предвидува поголемо внимание на правата на затворениците – од аспект на образование, здравствена заштита и правото на работа. Се прецизираат и некои надлежности на Кривичниот совет, наспроти надлежноста на судија на извршување на санкции. Се внесуваат измени во делот на санкциите и преркшоците од аспект на „Безбеден град“, а се става акцент на обуката на сите вработени во затворскиот систем и понатамошно запознавање со европски стандарди.

– Се надевам дека со овие измени, кои најверојатно ќе бидат изгласани по локалните избори ќе имаме подобар и посигурен затворски систем – изјави Пандов.

Се бара хиерархија во платите

Моменталната состојба во затворите во Македонија, нагласи Пандов, е таква што оној што работи со доживотни затвореници во Идризово и оној што работи со затвореници со казни до три години затвор, имаат иста плата, што според него, треба да се наметне како тема и да се направат промени.

Во затворите има мал број здравствени работници.

– Бараме од Министерство за здравство да најдат вработени кои што ќе работат во затворите. За жал, моменталната состојба е многу лоша. Ако мериме, еден здравствен работник на број на осуденици, мислам дека сме една од ретките земји во светот каде што има толку мал број здравствени работници во затворите. Направена е стимулација да има плус 30 проценти додаток на ризик, меѓутоа веројатно тоа повторно не е доволна стимулација за луѓето да се вработуваат – изјави Пандов.

Во однос на образованието, Пандов, посочи дека веќе има разговарано со Државната секретарка и со министерката за образование, и верува дека за многу краток период ќе се направат првите работи.

– Првично во Воспитно-поправниот дом Волквија, а подоцна и во сите останати затвори треба да им овозможиме на затворениците да имаат образование – изјави Пандов.

Јавната расправа беше во организација на Здружението за кривично право и криминологија на Македонија, Управата за извршување санкции при Министерството за правда и Македонското пенолошко друштво.

Поврзани содржини