ЛЕВИЦА НЕМА ДА ДОБИЕ ВРЕМЕ ВО МЕДИУМИТЕ ЗА КАМПАЊАТА Апасиев бара Уставниот суд итно да го стопира Упатството за радиодифизерите
Апасиев објасни дека станува збор за искривоколчено толкување на членот 75-ѓ од Изборниот законик кој предвидува двете најголеми партии во власта и двете во опозицијата да добијат најмногу секунди за рекламирање, но тоа не значи дека треба да добијат сè.
Претседателот на Левица Димитар Апасиев денеска од Уставниот суд побара да донесе итна мерка и да го стопира Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025, што го донесе АВМУ, со кои се определува времето за рекламирање на политичките партии во медиумите за време на кампањата, а според кое, Левица нема да добие време за рекламирање.
Според Апасиев, ова е скандалозното и досега невидено однесување на органите на власта кон една парламентарна политичка партија.
– Од сите вонпарламентарни и парламентарни партии за прв пат во историјата на независна Македонија само на една партија ѝ е забрането политичко претставување, односно платено рекламирање во приватните медиуми. Скандалот да е уште поголем – не само што ни се забранети државните пари кои по закон ни следуваат, туку и доколку би имале наши пари, ние не можеме да се рекламираме, затоа што со едноставно пропуштање, односно неспомнување во четирите законски предвидени пакети, ние сме изоставени комплетно како да не постоиме на политичката сцена – рече пратеникот Апасиев.
Според него, премиерот Христијан Мицкоски му пратил абер на директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски да го донесат упатството за „да ѝ ги скратат крилата на Левица“.
– Ова нема да помине, напротив, ќе има обратен ефект на бумеранг, бидејќи народот гледа како на една партија ѝ се прави класична неправда! Ќе поднесеме тужба со времена мерка за стопирање на ова упатство и бараме од Уставниот суд веднаш уште денеска да се произнесе – рече Апасиев,
Тој додаде дека овој случај ќе заврши во судот во Стразбург, но тоа би траело две-три години.
Апасиев објасни дека станува збор за искривоколчено толкување на членот 75-ѓ од Изборниот законик кој предвидува двете најголеми партии во власта и двете во опозицијата да добијат најмногу секунди за рекламирање, но тоа не значи дека треба да добијат сè.
– Тие толкуваат и се држат за зборот „двете“, а ние се држиме за зборовите „најмногу“ и „може“. Значи, може, но не мора да добијат сè, затоа што законот треба да се приспособи на реалноста, а не реалноста на законот. Во овој случај имаме и трет субјект – ЗНАМ во власта и Левица во опозицијата, но утре може да има и четврти и петти субјект и не може секогаш да се менува законот. Треба да се толкува за да се приспособи на реалноста. Тоа постоечкиот закон го дава како можност, со термините „може“ и „најмногу“. Пропорционално, најголемиот дел од тие предвидени минути треба да ги земат тие, а остатокот ние, Но, тие го толкуваат ригидно, граматички, и се држат за зборот „двете“ и одбиваат да најдат решение со кое добиваат сите партии.
Апасиев предлага наместо 240-те секунди што им следат на двете најголеми партии во опозицијата да се делат 120 со 120 секунди, да се поделат 120 со 80 со 40. Тоа би значело дека најголемата опозициска партија не губи ништо, а втората по големина би изгубила 40 секунди, кои би ги добила третата.
– Така треба да се толкува, тоа е правилното правно толкување, а тие одбиваат да го сторат тоа. За тоа ќе има штета, но ќе има кривични пријави против персоналниот состав на АВМУ. Ќе има тужба за отштета лично против сите членови на АВМУ, со барање на солидарна одговорност, така што, процесот ќе трае, а за овие избори ние ќе бидеме оштетени – рече Апасиев.
Тој додаде и дека вчера партијата поднела барање за итни измени на Изборниот законик, но, претседателот на Собранието Африм Гаши, како што рече, „абер нема да свика седница“.
Според член 75-ѓ од Изборниот законик, телевизиите и радијата можат во секој час програма максимално да емитуваат 9 и пол минути политички реклами. Од нив, 4 минути се за двете најголеми владејачки партии според освоени пратеници во парламентот на последните избори, а 4 минути се за двете најголеми парламентарни опозициски партии. Една минута реклами е наменета за партиите кои освоиле пратеници, но помалку од 5 колку што се потребни за формирање пратеничка група, а 30 секунди се наменети за партиите кои не се застапени во Парламентот.
Овој член има системска слабост и не ги предвидува партиите кои не се меѓу двете најголеми на власт или двете најголеми во опозиција. Во актуелниот пратенички состав ЗНАМ има 5 пратеници и е во власта, а Левица со 6 пратеници е во опозицијата.
Истиот принцип на поделба на минутите во ИЗ е предвиден и за рекламирањето во порталите и во весниците.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска соопшти дека го донела Упатството за радиодифузерите за Локалните избори 2025.
Со Упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање, означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбата на времето во вести кај Јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, соопшти Агенцијата.
„За време на изборната кампања за првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно 9 минути и 30 секунди дополнително време за политичко рекламирање на реален час емитувана програма. Во Упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу учесниците во изборниот процес“, соопшти АВМУ.
По 120 секунди ќе добијат владејачките ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, како и двете најголеми опозициски партии СДСМ и Левица.

За време на првиот круг од изборната кампања Собранискиот сервис секој ден ќе обезбеди вкупно 3 часа за бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието, како и вкупно еден час секој ден за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.
Упатството е објавено на веб страницата на АВМУ.