БИТОЛСКИТЕ ОТПАДНИ ВОДИ СЕ НЕМИЛОСРДНИ КОН РЕКАТА ДРАГОР До кога ќе се ризикува со здравјето?

Загаденоста на Драгор е во III, односно IV и V група или вон класа и го добива епитетот 'мртва река'. Реката е претворена во отворен канал што ги одведува комуналните отпадни води, вклучително и физиолошкиот отпад (фекалии и урина), отпадните води со отпадоци од домаќинствата и отпадните води од индустриските капацитети, се наведува во Студијата за оцена за изградба на колекторски систем.

394

Децении наназад битолчани очекуваат да се најде финално решение за отпадните води во градот. Иницијативата за рехабилитација за канализациската мрежа и изградба на пречистителна станица во Битола датира уште пред 2016 година, за што потоа со помош на финансиски средства од Европската Унија се изготви и Оцена за влијанието врз животната средина за ваквиот проект. Податоците за состојбата со реката Драгор кои тогаш беа споделени со јавноста беа застрашувачки. Сепак, крајот за испуштањето на отпадните води во реката сѐ уште не е на повидок. За потребите на Студијата за оцена на влијанијата од проектот за изградба на колекторски систем, рехабилитација на канализациона мрежа и изградба на пречистителна станица за отпадни води во Битола, направена е анализа на примерок од вода, а таа покажува дека површинските води на река Драгор на местото за испуст одговараат на води со класа V.

„Загаденоста на Драгор е во III, односно IV и V група или вон класа и го добива епитетот ‘мртва река’. Реката е претворена во отворен канал што ги одведува комуналните отпадни води, вклучително и физиолошкиот отпад (фекалии и урина), отпадните води со отпадоци од домаќинствата и отпадните води од индустриските капацитети. Загадените и непрочистените води во некоја прочистителна станица од Драгор се вливаат во Црна и ја загадуваат. Водите, според степенот на загаденоста, спаѓаат во четврта и петта класа, кои се најсилно загадени води“, се вели во Студијата.






Загадувањето на водите во Општина Битола е резултат на испуштање на непречистени индустриски и комунални отпадни води. Овие води се слеваат во Црна Река и ја загадуваат, а загадените води се слеваат и во Тиквешко Езеро. Досегашните испитувања покажале дека количината на канализациона вода во Драгор е двапати поголема од количината на чиста вода.

„Употребата на загадени површински води за наводнување на земјоделските површини предизвикува долготрајно загадување на почвата и подземните води, што пак резултира со навлегување на полутанти во синџирот на исхрана“, се додава во образложението на Планот.

Дополнително, во однос на влијанието на здравјето, се истакнува дека доказите сугерираат дека со подобрување на нивото на услуги – безбедно управување со вода за пиење, подобрување на санитарните услови (како што се регулирано водоснабдување, пристап до канализација со третман на отпадните води), може драматично да се подобри здравјето и да се намали бројот на смртни случаи од стомачни болести. Во Планот се наведува и дека Институтот за јавно здравје во својот Извештај од 2021 година регистрирал и неисправни примероци на вода.

„Кај поголемиот број неисправни примероци на вода, утврдена е појава на матност, отсуство на резидуален хлор и во помал обем потрошувачка на KMnO₄, што укажува на зголемено присуство на органски материи во водата за пиење“, се додава во текстот.

Спасот се гледа во изградбата на колекторскиот систем, канализациската мрежа и пречистителната станица, со што ќе се овозможи соодветно третирање на отпадните води, кои сега без никаков третман се испуштаат во реката Драгор. Но, изградбата на канализациска мрежа тапка во место поради непознати причини. Надлежните институции последно информираа дека е склучен договор за изградба на пречистителната станица, но не и за канализацијата, која е втората фаза од целокупниот проект за отпадните води во согласност со европските практики. За изградбата на канализацијата постои можност и да се изгубат веќе доделените средства од европските фондови, зашто не е потпишан договорот со фирмата изведувач на градежните работи, иако тендерот е веќе одамна завршен.

Поврзани содржини