9 ЕВРОПСКИ БАНКИ ЌЕ ИЗДАВААТ ЗАЕДНИЧКА ЕВРО-КРИПТОВАЛУТА Ќе биде алтернатива за пазарите на криптовалути управувани од САД
Издавачите ги врзуваат дигиталните пари за стандардни валути како што се доларот или еврото, но исто така и за стоки како што се златото и среброто и за финансиски инструменти со цел да се избегнат ненадејни флуктуации во нивната вредност.
Италијанската банка „УниКредит“ и австриската „Рајфајзен банк интернешнл“ објавија дека ќе основаат компанија со уште 7 европски банки која ќе издава криптовалута која ќе биде „деноминирана во евра“ и покриена со традиционални финансиски средства.
Заедно со „УниКредит“ и „Рајфајзен банк интернешнл“, групата ги вклучува и белгиската „КБЦ“, данската „Данске банк“, германската „Декабанк“, шведската „СЕБ“ и шпанската „Каиксабанк“, а може да се приклучат и други банки, се наведува во соопштението за медиумите.
Седиштето на новата компанија ќе биде во Холандија, а ќе работи под лиценца и надзор на холандската централна банка како институција за електронски пари.
– Воведувањето на криптовалутата поддржана од традиционални средства и „деноминирана во евра“ е планирано за втората половина од 2026 година и ќе биде во согласност со регулативите на ЕУ за пазарите на крипто средства (MiCA) и ќе овозможи брзи и евтини плаќања 24 часа на ден – изјави портпаролот на германската „Декабанк“.
Издавачите ги врзуваат дигиталните пари за стандардни валути како што се доларот или еврото, но исто така и за стоки како што се златото и среброто и за финансиски инструменти со цел да се избегнат ненадејни флуктуации во нивната вредност.
„Криптовалутата нуди потенцијал за ефикасни прекугранични трансакции, автоматизирани плаќања и подобрувања во управувањето со синџирот на снабдување и обработката на дигитални средства“, се вели во соопштението на банкарската група.
Потпирањето на блокчејн технологијата ќе обезбеди јавно достапен електронски запис за сите трансакции на плаќање. Водечките позиции на меѓународниот пазар на криптовалути поврзани со традиционални средства моментално ги заземаат американските Tether, Circle и Ripple.
Конзорциумот од 9 европски банки нагласува дека сака да создаде европска алтернатива на пазарите на криптовалути доминирани од САД, со цел да ја зајакне стратешката автономија на Европа во трансакциите на плаќање.