„НАТО И ЕУ ВОДАТ ВИСТИНСКА ВОЈНА ПРОТИВ РУСИЈА“ Кризата во Украина ја почна Западот, обвини Лавров
Кризата во Украина е предизвикана од Западот, преку која НАТО и ЕУ веќе објавија вистинска војна против мојата земја и директно интервенираа во неа, вели рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
НАТО и ЕУ ја користат Украина за водење војна против Русија, обвини шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
Највисокиот руски дипломат оваа забелешка ја упати во синоќешниот говор на маргините на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Лавров зборуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во Обединетите Нации откако американскиот претседател Доналд Трамп, во остра промена на реториката, ги исмеа воените акции на Москва и рече дека верува оти Украина е способна да ја врати територијата заземена од руските сили.
– Друг впечатлив пример е кризата во Украина предизвикана од Западот, преку која НАТО и ЕУ веќе објавија вистинска војна против мојата земја и директно интервенираа во неа – рече Лавров.
Тој не ги спомена коментарите на Трамп, но ја потврди позицијата на Русија дека западните акции ја предизвикаа војната во Украина, која Москва ја почна во февруари 2022 година.
Шефицата на британската дипломатија, Ивет Купер додека го почнуваше својот говор го повика Лавров, кој требаше да си замине, да остане во салата и ја осуди „неиспровоцираната војна“ на Москва.
– Не може да убеди никого ниту едно од лажните искривувања од светот на научната фантастика, од дезинформациите и од пропагандата на рускиот претставник за причините за војната – рече Купер на состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 .