САМО 12% ОД ЗЕМЈОДЕЛСКИТЕ СТОПАНСТВА ГИ ВОДАТ МЛАДИ Ниските приходи и бирократијата го прават неинтересен секторот
На денешната дебата учествуваат македонски и словачки експерти по земјоделство, како и претставници на младински организации, земјоделски здруженија, млади фармери, академската заедница, граѓанскиот сектор и други меѓународни партнери.
Во ЕУ само околу 12% од земјоделските стопанства се водени од млади луѓе. Сличен е процентот и кај нас. Ова станува се поголем предизвик поради што е во фокусот и на новата визија на Унијата за иднината на агро секторот до 2040 година. Целта е да се поттикне поуспешен трансфер на новите генерации во земјоделството, беше речено на денешната 13. сесија на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој.
Како што посочија учесниците, 57 години е старосниот просек на „младите” фармери кои раководат со земјоделските стопанства.
Земјоделството е недоволно атрактивно поради неизвесноста на приходите, сложените бирократски процедури и регулаторните барања, а претприемништвото, иновациите, дигитализацијата и новите алатки, се само некои од начините за подобрување на состојбата.
– Се соочуваме со слични предизвици како оние во ЕУ. И кај нас околу 12 отсто од земјоделските стопанства се водени од млади луѓе. Неизвесната перспектива за одржливи приходи, сложените регулаторни барања и бирократските оптоварувања, ниската профитабилност што ги попречува инвестициите, родовиот јаз, недостигот на пристап до основни услуги во руралните области и други тешкотии во професијата, се факторите кои го прават земјоделството се понепривлечно за младите генерации – напомена професорката од Факултетот за земјоделски науки и храна Александра Мартиновска Стојческа.
Таа потенцира дека визијата на ЕУ е креирање привлечен агро-сектор за младите.
– Темата за младите е многу емотивна. Каков е тој сектор или иднина без младите во неа? – рече професорката.
Според словачката амбасадорка Ивета Хрицова, земјоделството е многу важно за македонската економија и култура.
– Земјоделството е многу добра можност за развој на земјата и поголема конкурентност. Словачка дава голема поддршка тука, не само финансиска, туку и стручна. Помагаме земјата да ги исполни условите, особено во агро секторот – нагласи Хрицова, укажувајќи на важноста на младите луѓе кои, рече, се локомотивата на државата.
Професорката од Филозофскиот факултет и национален координатор на НКЕУ-МК Милева Ѓуровска нагласи дека земјоделството е примарен сектор кон кој државата треба да се однесува многу внимателно.
-Не може денес да се очекува дека новите генерации ќе го прифатат селскиот живот како судбина, како што било порано, и ќе продолжат со земјоделството како економија на преживување. Тоа е веќе минато. Уште во седумдесетите години се истакнуваше дека земјоделецот во Европа не постои како традиционален пример, туку дека е земјоделски производител, а селото престанува да биде затворена заедница. Демографските трендови особено во последната декада се загрижувачки. Анкетите покажуваат дека младите не се гледаат во средина во која би споделувале само несигурност и затоа бараат алтернативи, а денес алтернативи постојат многу. И во многу европски држави има слични проблеми, но не со таков обем и интензитет за да не може да се репродуцира земјоделството како економска гранка – подвлече Ѓуровска.
Ставовите на младите земјоделци од земјава се поделени, едни сметаат дека интересот за земјоделство кај младите се намалува, а други дека во последните години бележи раст.
– Се намалува интересот за занимавање со земјоделство поради стереотипите – дека е тешка работа, дека е ниско профитабилна. Сепак, најголема причина е недостигот на знаење, едукација, експертиза и информации. Решенијата ги гледам во поддршка на младите и руралните средини. Потребна е поддршка која младите „ќе ги застане на нозе“ и ќе им овозможи услови да почнат бизниси во земјоделството. Но, не е доволна само финансиска поддршка, потребни се и знаење, маркетинг и пазарен пристап – изјави Горан Балески, претседател на Прва органска задруга Валандово.
Иван Додевски кој е професионален пчелар, вели дека има се поголем интерес кај младите за пчеларење,
– Предизвик е да се биде пчелар, но треба да се подобри едукацијата на производителите и на потрошувачите, да се даде поголема поддршка во однос на опремата за да ги зголемиме производните капацитети. Во последно време, зголемен е интересот кај младите за пчеларството – рече Додевски.
На денешната дебата учествуваат македонски и словачки експерти по земјоделство, како и претставници на младински организации, земјоделски здруженија, млади фармери, академската заедница, граѓанскиот сектор и други меѓународни партнери. Се очекува преку инклузивен дијалог да се изградат заеднички идеи и препораки за создавање подобра средина за младинско претприемништво во руралните средини и за зајакнување на улогата на младите како лидери и иноватори во своите заедници.