ХОТЕЛ ПРОМАЈА БИЛ ЗАТВОРОТ ВО СТРУМИЦА Двајца бивши директори овозможувале привилегии за неколку осуденици
Пријавениот В.М., во 32 наврати на седум лица им овозможил краткотраен излез од установата, а во два наврати на две осудени лица им овозможил користење на годишен одмор без да ги исполнуваат пропишаните услови.
Двајца поранешни директори на затворот во Струмица добија кривични пријави поради тоа што им овозможувале на осудени лица да излегуваат од установата, спротивно на затворскиот правилник, соопшти МВР.
СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Б.Ц.(41) од Струмица, поранешен директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица, В.М.(36) од Струмица, поранешен вршител на должноста директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица и В.Т.(42) од Струмица, заповедник на затворска полиција во Казнено-поправната установа Затвор Струмица поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1, во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Пријавениот Б.Ц., извршувајќи ја функцијата директор на установата, и пријавениот В.М., извршувајќи ја функцијата вршител на должноста директор на установата, злоупотребувајќи ја и искористувајќи ја својата службена положба, во повеќе наврати постапиле спротивно на член 70 од Правилникот за куќен ред за осудените лица кои издржуваат казна затор во казнено-поправната установа. Тие издале решенија за одредени осудени лица да користат определени погодности, без да биде спроведена постапка која според правилникот треба да се спроведе пред издавање на такви решенија. На ваков начин, Б.Ц. во три случаи на едно лице му овозможил краткотраен излез од установата.
Пријавениот В.М., во 32 наврати на седум лица им овозможил краткотраен излез од установата, а во два наврати на две осудени лица им овозможил користење на годишен одмор без да ги исполнуваат пропишаните услови. В.М. на четири лица им овозможил распоредување од полуотворено во отворено одделение во установата и покрај тоа што не ги исполнувале условите.
Пријавениот В.Т., заповедник во Затвор Струмица, од пријавениот В.М. добил писмено овластување да врши работи од областа на ресоцијализација, без да поседува соодветно образование за тоа работно место, а притоа продолжил истовремено да ја раководи и Затворската полиција, односно да извршува работи на две различни работни места кои се исклучително важни и одговорни и кои се неспоиви.