„ЗЕЛЕНА ИДНИНА: ОД ГРАДИНКА ДО УЧИЛИШТЕ“ Еко конкурсот за раззеленување на училишни дворови низ очите на dm и неговите поддржувачи, Македонско Еколошко Друштво

Конкурсот ќе трае цела година и e отворен до 31 август 2026 година. Разговаравме со Сандра Атанацковиќ од dm и со Светлана Пејовиќ од Македонско Еколошко Друштво (МЕД), кои ни ја објаснија целта на конкурсот и процесот на реализација.

35

На 16 септември оваа година, компанијата dm drogerie markt го лансираше конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ чија цел е раззеленување и хортикултурно уредување на училишните дворови на сите државни и општински (основни и средни) училишта и градинки, на територијата на целата држава.
Конкурсот ќе трае цела година и e отворен до 31 август 2026 година. Разговаравме со Сандра Атанацковиќ од dm и со Светлана Пејовиќ од Македонско Еколошко Друштво (МЕД), кои ни ја објаснија целта на конкурсот и процесот на реализација.

Како се роди идејата и која е главната мотивација на dm drogerie markt зад лансирањето на еко конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ ?






Сандра Атанацковиќ: Идејата за овој конкурс е природен чекор нанапред во нашата посветеност кон одржливоста и зачувувањето на животната средина. Четврта година по ред активно работиме на пошумување на планински предели и урбани површини, но сфативме дека е клучно да ја прошириме нашата мисија таму каде што се градат темелите на иднината – во градинките и училиштата. Главната мотивација е да создадеме здрава, зелена средина за децата, да ја разбудиме нивната еколошка свест уште од најрана возраст и да им овозможиме да растат во убава и инспиративна околина. Ова е нашата инвестиција во здрава иднина за сите нас.

Како поддржувачи на конкурсот, која е вашата улога во спроведувањето на активностите и кои се најважните едукативни и еколошки придобивки за децата од учеството во овој проект?

Светлана Пејовиќ: Улогата на Македонското еколошко друштво (МЕД), како организација која научно и стручно делува на полето на заштитата и зачувувањето на животната средина, е да обезбеди стручна поддршка за сите едукативни активности, усогласени со принципите на одржлив развој. Даваме насоки за избор на најсоодветни растенија за секое училиште, организираме обуки за наставниците и едукација за учениците за правилна нега и одгледување на дрвјата кои ќе го раззеленат училишниот двор. Преку работилници и интерактивни активности ги поврзуваме децата со природата, им ја објаснуваме важноста на пошумувањето и ги мотивираме да ја препознаат вредноста на зелените дворови – почиста животна средина, повеќе биолошка разновидност и поубаво училишно искуство.

Како овој проект може да ги поттикне децата да се грижат за животната средина?

Сандра Атанацковиќ: Проектот ги поттикнува децата преку директно учество и искуство. Кога децата ќе бидат дел од процесот на садење, грижа и набљудување како расте едно дрво или растение, тие развиваат длабока поврзаност и чувство на одговорност кон природата. Зелените училишни дворови стануваат живи училници каде секој може да научи за екосистемите, важноста на чистиот воздух, како и за убавината на природата. Тоа не е само лекција, туку доживување кое остава трага.
Оваа иницијатива секако дека е долгорочна посветеност за dm. Дефинитивно планираме еко-конкурсот ,,Зелена иднина: од градинка до училиште“ да стане традиционален проект кој верувам дека ќе заземе навистина посебно место во нашите срца. Дополнително, во ноември оваа година ќе ја спроведеме и најмасовната акција за пошумување досега и ќе засадиме 50 000 садници во околината на Штип. Ги повикуваме сите заинтересирани да нѐ следат на социјалните мрежи за да го дознаат точниот датум и да дадат свој придонес во оваа зелена иницијатива.

Со какви предизвици најчесто се среќаваат училиштата при раззеленувањето на своите дворови и како МЕД им помага да ги надминат?

Светлана Пејовиќ: Најчести предизвици се ограничените финансиски средства, недоволното познавање на соодветните автохтони видови растенија и потребата за дополнителна стручна поддршка при планирање и одржување на зелените површини. МЕД обезбедува стручни совети, избор на растенија, практична обука и насоки за нивна грижа, со што обезбедуваме долготрајност и одржливост на засадените површини.
Соработката меѓу приватниот сектор и МЕД ја прави оваа иницијатива посилна и поефикасна – dm ги обезбедува потребните ресурси и јавната поддршка, а МЕД ја носи експертизата и искуството од терен. Така обезбедуваме поголем опфат, поквалитетно садење и вистинска едукација и вклучност на децата, со долготрајни резултати кои ќе ги уживаат и идните генерации.

Што би им порачале на училиштата и градинките кои размислуваат да се пријават, но сè уште не го направиле тоа?

Светлана Пејовиќ: Вклучувањето во оваа кампања е одлична можност да го разубавите просторот каде учениците го поминуваат најголемиот дел од денот, да создадете природна и пријатна средина за учење и игра, и истовремено да ги вклучите учениците во активност која ги учи на одговорност кон животната средина и природата, и тимска работа. Пријавувањето е едноставно, а придобивките се долгорочни – од поквалитетен воздух и поубава атмосфера во дворот, до поврзување на наставните содржини со практично искуство и инспирација за идните генерации.
Сандра Атанацковиќ: На сите државни и општински градинки, основни и средни училишта кои размислуваат да се пријават, но сè уште не го сториле тоа, би им порачала: Не двоумете се! Ова е вашата шанса да направите вистинска, видлива промена во вашата средина и во животот на децата. Проектот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ не е само конкурс, тој е можност да бидете дел од една поголема мисија, да инспирирате генерации и да покажете дека со мал напор може да се постигнат големи нешта. Вашата пријава е чекор кон поздрава, посреќна и позелена иднина за сите. Приклучете ни се за заедно да ја обликуваме зелената иднина.

Поврзани содржини