МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА СЕ ОДЛУЧНИ ЗА ПОВРЗУВАЊЕ СО БРЗА ПРУГА Вицепремиерот Николоски и грчкиот колега зборуваа за нови можности за трговија
Според Министерството за транспорт, изградбата на брза пруга на Коридорот 10 ќе значи развој на трговијата, зголемување на размената меѓу двете држави и брза врска на пристаништата во Грција со пазарите во Централна Европа.
Вицепремиерите на Македонија и на Грција ја потврдија силната одлучност за изградба на брза пруга на Коридорот 10, информираше Министерството за транспорт во соопштение до јавноста.
Во написот се вели дека вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска во Атина оствари работна средба со вицепремиерот на Владата на Грција, Костис Казидакис. Ова е прва средба на двајцата вицепремиери со која се истакна важноста и промоција на економската соработка и регионалните инфраструктурни проекти.
Според Министерството, изградбата на брза пруга на Коридорот 10 ќе значи развој на трговијата, зголемување на размената меѓу двете држави и брза врска на пристаништата во Грција со пазарите во Централна Европа.
„На средбата беа потврдени заложбите на двете земји за подобра регионална соработка во делот на инфраструктурата, транспортот и услугите. Беа презентирани стратешките приоритети на Владата во инфраструктурата и се потенцира важноста од поефикасно регионално поврзување како предуслов за забрзан економски развој на регионот“, се вели во соопштението.
Меѓу другото, биле презентирани условите на македонската влада за инвестирање во земјата, можноста за зголемена соработка меѓу бизнис заедниците и било заклучено дека во следниот период ќе продолжат проектите за зголемување на меѓуграничната соработка и транспорт.