ВО МАКЕДОНИЈА НЕМА МЕСТО ЗА ПОЛИТИЧАРИ КОИ ВЕЛИЧААТ ОРУЖЈЕ Велјановски го повика СДСМ веднаш да ја осуди изјавата на Бектеши
ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите политички партии, организации и институции, да го осудат говорот на Бектеши како отворен говор на омраза. Во Македонија нема место за политичари кои својата кампања ја градат на закани, омраза и величање оружје, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Секогаш кога ДУИ губи, секогаш кога граѓаните ќе ги прочитаат нивните вистински коруптивни намери, тие прибегнуваат кон потпалување на меѓуетничките односи и загрозување на соживотот, изјави денеска Александар Велјановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на вонредна прес конференција во партијата.
Во јавноста се појави видео снимка на која поранешниот министер за економија Крешник Бектеши го пофали Бајрам Реџепи, кандидатот на ДУИ за градоначалник на Тетово, дека во 2001 година со пушка се борел против „тие што ги потценувале Албанците“.
– ДУИ нема аргументи и политики, единствена политика им е деструктивноста и уништувањето на соживотот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува срамната и опасна изјава на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, дадена при промоција на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи. Бектеши, без трошка одговорност, велича оружје и отворено ја оправдува војната од 2001 година, претставувајќи ја како политички капитал. Тоа е скандал од невидени размери и директен удар врз меѓуетничките односи во државата – рече Велјановски.
Според него, ова е класичен говор на омраза кој ја враќа Македонија во најтешките времиња.
– Наместо за иднината, некој повторно сака граѓаните да слушаат етнички провокации и поттикнување на поделби. Македонците се столбот на Тетово. Со векови наназад тие се дел од неговата историја, култура и идентитет. Со својот труд и љубов кон овој град го изградиле и го зачувале. На овие избори како и многу пати претходно, токму Македонците со својот единствен сплотен глас и својата волја ќе одлучат кој ќе биде татко на Тетово и каква иднина ќе има овој град – додаде Велјановски.
Тој го повика СДСМ јавно и веднаш да ја осуди изјавата на Бектеши и да се огради од својот коалициски партнер.
– Време е да се оттргнат од зависноста кон ДУИ и да покажат барем минимална одговорност. Секое молчење е соучесништво. Но, бидејќи СДС со години е навикнат да биде нем и покорен партнер на ДУИ, секој нивен денешен молк значи само едно, дека станале партнери и во омразата – рече Велјановски.
ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите политички партии, организации и институции, да го осудат овој чин како отворен говор на омраза.
– Во Македонија нема место за политичари кои својата кампања ја градат на закани, омраза и величање оружје. Нашата обврска е да ја изградиме Македонија како силна, праведна и европска држава. Земја на мир и стабилност, а не на поделби и закани. Народот очекува јасна позиција, а ние ќе продолжиме да ја браниме Македонија од сите што сакаат да ја претворат во заложник на криминални и етнички поделби – порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Велјановски.