СЕ ФОРМИРА КОМИТЕТ ЗА ЈАВНИ ИНВЕСТИЦИИ Ќе ги оценува предложените инвестициски проекти на државните институции и друштва

Со него ќе претседава министерот за финансии, а во неговиот состав ќе бидат вклучени сите ресорни министри, што овозможува одлуките да се носат врз основа на консензус и темелна анализа на предлозите.

64

На вчерашната седница Владата донесе Одлуката за формирање на Комитет за јавни инвестиции, со што се поставуваат основите за поефикасно, транспарентно и стратешко управување со јавните инвестиции, соопшти Министерството за финансии (МФ).

Како што е соопштено, основа за формирање на овој Комитет има во Законот за буџети, а ќе работи согласно Уредбата за управување со јавни инвестиции со која се воведе обврска сите буџетски корисници, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и општините, да ги доставуваат своите иницијативи за јавни инфраструктурни проекти со проценета вредност над 5 милиони евра до Министерството за финансии.






Станува збор за постојано меѓуресорско тело на Владата кое ќе обезбеди координација меѓу институциите и интегриран пристап во донесувањето одлуки. Со него ќе претседава министерот за финансии, а во неговиот состав ќе бидат вклучени сите ресорни министри, што овозможува одлуките да се носат врз основа на консензус и темелна анализа на предлозите.

– Неговата улога ќе биде клучна во разгледувањето и оценувањето на проектните идеи, во нивното приоретизирање и во носењето одлуки кои ќе го насочат државниот инвестициски циклус кон проекти што носат најголема вредност за граѓаните и економијата – велат од Министерството.

Комитетот ќе го следи напредокот на инвестициите, ќе ја проценува нивната изводливост и ќе обезбедува препораки за најдобро користење на јавните средства. На тој начин ќе се гарантира дека јавните инвестиции се во целосна согласност со целите и приоритетите на Владата и дека нивната реализација е усогласена со националните стратегии за развој.

– Со воспоставувањето на Комитетот се создаваат услови за подобро планирање и управување со јавните ресурси, а процесот на селекција на проектите станува појасен и пообјективен. На долг рок, оваа реформа ќе обезбеди повисоки економски приноси, поефикасно обезбедување на јавните услуги и ќе придонесе за остварување на стратешките цели на земјата, вклучително и оние што се поврзани со европската интеграција- велат од МФ.

Во рамките на Министерството е формиран посебен Сектор за управување со јавни инвестиции кој ќе врши независен преглед на прединвестициските студии, процена на зрелоста на проектите и следење на нивната реализација.

Поврзани содржини