ЌЕ ЈА БРАНАТ СЕКОЈА ПЕДА ОД НАТО ТЕРИТОРИЈАТА Руте со предупредување до Москва

По руските упади во естонскиот воздушен простор, НАТО најави силна и координирана реакција, испраќајќи порака дека „секоја педа од територијата ќе биде одбранета“.

154

Земјите членки на НАТО на денешното заседание на Северноатлантскиот совет ја потврдија заедничката посветеност на колективната одбрана и испратија остри пораки до Русија.

Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, истакна дека сојузниците се подготвени да одговорат на секоја закана, по ескалацијата на инцидентите со нарушувањето на естонскиот воздушен простор.






– Сојузниците издадоа силна изјава за солидарност и решителност, осудувајќи ги неодговорните постапки на Русија, кои се ескалирачки, ризични и загрозуваат животи. Ние сме подготвени да ја браниме секоја педа од нашата територија – рече Руте по седницата на Советот.

Консултациите беа свикани на барање на Естонија, откако три руски ловци МиГ-31 го повредија нејзиниот воздушен простор. НАТО веднаш реагираше, а Руте потенцираше дека ваквите ситуации го покажуваат капацитетот на Алијансата да делува на копно, море и воздух.

Тој најави дека сојузничките сили ќе бидат дополнително зајакнати со иницијативата „Источна стража“, која треба да обезбеди уште посилна заштита на источниот дел од Европа.

– Сојузниците тренираат постојано за да се осигураат дека сме подготвени за какви било закани. Дури и сега, најголемиот носач на авиони во светот ‘Џералд Форд’ е во Европа и тренира со нашите партнери – додаде генералниот секретар.

Во заедничката изјава, Северноатлантскиот совет ги осуди руските упади и најави „робустен одговор на неодговорните постапки на Москва“. Алијансата подвлече дека нема да се повлече од поддршката за Украина и ја повтори решителноста за нејзино право на самоодбрана.

„Овие и други неодговорни постапки на Русија нема да ги обесхрабрат сојузниците во нивните трајни обврски за поддршка на Украина“, се додава во соопштението.

Поврзани содржини