ВДОВИЦАТА НА ЧАРЛИ КИРК МУ ПРОСТИ НА УБИЕЦОТ „Затоа што Христос простува и Чарли би го направил тоа“

Мојот сопруг сакаше да спаси млади мажи, исто како оној што му го одзеде животот, додаде вдовицата на убиениот американски говорник и активист во обраќање на јавната комеморација.

412

„Тој човек, тој млад човек – му простувам. Му простувам затоа што Христос го направи тоа и затоа што Чарли би го направил тоа“.

Вака изјави Ерика Кирк, вдовицата на познатиот говорник Чарли Кирк, пред преполниот стадион во Аризона, на јавната комеморација за нејзиниот убиен сопруг.






Публиката се крена на нозе. Аплаузот беше за простувањето, за болката, за примерот.

– Мојот сопруг сакаше да спаси млади мажи, исто како оној што му го одзеде животот – додаде таа.

Чарли Кирк беше застрелан на 10 септември на Универзитетот Јута Вали. За неговото убиство е обвинет 22-годишниот Тајлер Робинсон од Јута. Обвинителите велат дека тој може да се соочи со смртна казна.

 

Властите открија дека веднаш по нападот, Робинсон испратил порака до својот партнер. Според објавената порака, осомничениот Робинсон бил презаситен од „омразата“ на Кирк.

Во интервју за „Њујорк Тајмс“, Ерика Кирк објасни дека била прашана дали посакува смртна казна за обвинетиот, пишува „Гардијан“.

– Ќе бидам искрена. Му кажав на нашиот адвокат дека сакам владата да одлучи за ова. Не сакам крвта на тој човек да ми биде на совеста. Значи, кога ќе одам во рајот и Исус ќе ми рече: „Око за око? Така ли работиме?“ И поради тоа, нема да бидам во рајот, нема да бидам со Чарли? – додаде Ерика Кирк.

Многу истакнати конзервативци ја обвинија левицата во САД за убиството на Кирк.
– Ги мразам моите противници и не им го сакам најдоброто“ – изјави претседателот на САД Доналд Трамп на комеморацијата, додавајќи: „Жал ми е, Ерика“.
Убиството на Кирк ја потресе јавноста во САД и предизвика нова полемика околу радикализацијата и говорот на омраза. Обвинетиот Робинсон, кој се изјасни за невин, е задржан без кауција, а обвинителите најавија дека ќе бараат смртна казна. Досега се презентирани клучни докази, меѓу кои ДНК траги и пораки што обвинетиот самиот ги испратил по нападот на социјалните мрежи кои некои ги толкуваат како индиректно признание за чинот.

Судскиот процес е во предсудска фаза, а следното рочиште се очекува во октомври.

Поврзани содржини