МАКЕДОНИЈА ДО ДЕКЕМВРИ ЌЕ ГИ ИСПОЛНИ УСЛОВИТЕ ЗА „РОАМИНГ КАКО ДОМА“ Скопје ќе биде домаќин на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025
На технолошката сцена на самитот ќе бидат отворени теми за вештачка интелигенција, 5Г и оптичка инфраструктура, дигитални вештини и за пристапот на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар.
На претстојниот Дигитален самит на Западен Балкан 2025 што ќе се одржи на 1 и 2 октомври во Скопје земјите од Западен Балкан ќе усвојат заедничка изјава со повик кон ЕУ да се забрза процесот „роаминг како дома“ и нула трошоци за интернет за нашите граѓани во ЕУ.
„Унијата пред еден месец излезе со патоказ што треба да го исполниме како држави за да пристапиме кон оваа зона, но потребна е активност и од нејзина страна. Ние нашите обврски ќе ги завршиме до декември 2025 година и очекувам наредната година први да го потпишеме договорот за роаминг со нула трошоци за македонските граѓани – рече денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Според него, Македонија е многу напред во однос на исполнувањето на условите.
– Главна беше измената на Законот за електронски комуникации за исполнување на клучните регулативи и директиви на ЕУ, што ние веќе го направивме летово. Остануваат уште неколу подзаконски акти што треба да ги завршиме до крајот на годинава и со тоа ќе ги исполниме условите. Во напредна фаза сме, го изработивме нашиот Акциски план и мислам дека ќе бидеме први од регионот – истакна Андоновски.
Како што објасни, во принцип, секоја држава од Западен Балкан одговара за себе.
– Минатиот пат, кога се потпишаа договорите за роаминг на Западен Балкан ги потпишаа сите држави во исто време. Овој пат, со оглед дека е во врска со ЕУ, би требало да биде секоја држава за себе. Планот на ЕУ е за сите држави од Западен Балкан. Тоа останува да го дискутираме на претстојниот Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025 и се надевам дека ќе имам е конкретен одговор на ова прашање, но наша обврска е ние да бидеме подготвени до јануари – рече министерот.
Тој денеска ја најави организацијата на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025, кој повторно ќе се одржи во Скопје, на 1 и 2 октомври 2025 година во Музејот на современата уметност.
Ова регионална платформа ги поврзува владите од регионот, деловната заедница, академијата и меѓународните партнери, со цел забрзување на дигиталната трансформација во регионот.
Самитот ќе биде организиран на две сцени – главна и технолошка, со три носечки приоритети: Дигитален паричник – сигурен и препознатлив пристап до јавни и приватни услуги, Интероперабилност – поврзување на системи и регистри за прекугранични електронски услуги и Сајбер-безбедност – заштита на личните податоци и критичната инфраструктура.
На технолошката сцена ќе бидат отворени теми за вештачка интелигенција, 5Г и оптичка инфраструктура, дигитални вештини и за пристапот на регионалните компании до единствениот европски дигитален пазар.
Министерот најави дека се очекуваат повеќе од 800 учесници и говорници, меѓу кои: претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министри од Црна Гора, Албанија, високи претставнци од Србија, Косово, Босна и Херцеговина, високи претставници на Европската комисија, Регионалниот совет за соработка, ИТУ, бизнис секторот од регионот и други меѓународни организации.